Image by wirestock on Freepik

29.04.2024 Скопје

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денес на седница треба да го разгледа извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автоосигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. Комисијата ја утврдува премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Од Министерството за финансии нагласуваат дека техничката премија останува непроменета, а со донесените одлуки од страна на осигурителните друштва е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци).

Министерството за финансии претходно заради донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седница на која ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки и заклучи в понеделник на нова седница да донесе одлука. Врз основа на добиеното известување од страна на АСО, која е регулатор на осигурителниот сектор, Министерството вчера се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *