29.03.2024 Скопје
Сојузот на синдикати на Република Северна Македонија најави серија протести во претстојниот период поради незадоволството од пресудата на Врховниот суд но и од фактот што вработени во неколку сектори во државната администрација нема да добијат повисоки плати како усогласување со покачувањето на минималната плата.
Идната недела ќе се одржи протест во знак на незадоволство од одлуката на Врховниот суд со која се одзема сопственост врз зградата на ССМ. Претседателот на ССМ, Трендафилов и уште седумнаесет членови денес поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оцена на пресудата на Врховниот.
Вториот протест е закажан на 8 април пред министерството за здравство бидејќи над 20 илјади работници во овој сектор нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата односно зголемување за околу 2.500 денари
Од ССМ соопштија дека засега не добиле повик за средба од било која политичка партија, за разлика од стопанските комори.
Од идната Влада, без разлика за која политичка гарнитура станува збор, очекуваат во првите сто дена да ја покачи минималната плата на 450 евра односно 27 илјади денари и да се извади додатокот за храна и превоз од бруто платата.
Подготвено од М.Д.