04.01.2024 Скопје
Скопје е на 80 од 83 место во Европа, со само 36 проценти задоволни граѓани од зелените површини во градот. Последен во Европа е Палермо со 31 процент. Од јавниот простор во Скопје задоволни се, пак, 53 проценти од неговите граѓани, но тоа не е доволно да го тргне од списокот на последните 10 градови во Европа.
Скопје пак е на последно, 83 место на европски градови, со само 27 проценти задоволни граѓани од здравствените услуги во градот. Скопје е последен и по квалитетот на воздухот. Само 12 проценти од неговите граѓани се задоволни од тоа каков воздух дишат, што соодветствува со измерената просечна годишна концентрација на 2,5 ПМ честички, највисоко во Европа, во 2020 година. Скопје не заостанува ни по бучавоста, и е на 78 место, а само 23 проценти од неговите граѓани се задоволни од неговата чистота, што го рангира на 80 место во Европа.
Скопје е на дното на листата по речиси сите параметри за квалитет на живот во последното мерење на Европската комисија спроведено во 83 града од 27 земји членки на ЕУ и осум земји надвор од неа. За 2023 година Скопје се најде на 76 место со 72 проценти задоволни граѓани од животот во него. Зад главниот град на Република Северна Македонија е Рим со 71 процент, Белград со 69, Тирана, Инстанбул и Атина со 66 и со 65 проценти, а како последен е италијанскиот Палермо со 62 проценти. Најзадоволни од животот во него се жителите на Цирих. Само 13 проценти од жителите на Скопје сметаат дека условите за живот во градот, од 2019 кога е правено претходното мерење, се подобриле.
Една од неколкуте позитивни листи на кои се најде Скопје во истражувањето е можноста лесно да се најде домување за разумна цена.
Подготвено од М.Д.