vila-vodno

09.05.2024 Скопје

По официјализирањето на изборните резултати, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат. На 12 мај истекува мандатот на актуелниот претседател кој беше и кандидат за претседател, Стево Пендаровски.

Седницата за инаугурација на новиот претседател треба да ја свика актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески. На средбата со новинарите на крајот на март, Митрески најави дека ова ќе биде една од последните активности на стариот состав на Парламентот, пред конституирање на новиот собраниски состав.

Доколку инаугурацијата на новиот претседател се случи на 12 мај, тој треба да го додели мандатот за новиот состав на Владата.

Врз основа на Уставот претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили. Претседателот своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, а се бира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години.

Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. Во случај на престанок на мандатот на претседателот на Републиката од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот.

Претседателот на Република Северна Македонија го определува мандатот за состав на Владата на Република Северна Македонија; ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Северна Македонија во странство; ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници; предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија; предлага двајца членови на Републичкиот судски совет; именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија; ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи; именува и разрешува и други носители на државни и јавниименува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон; доделува одликувања и признанија во согласност со закон; дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот.

Подготвено од М.Д.

About Author