17.04.2024 Скопје
Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, која што ја дава идејата за изградба на првиот вистински градски парк во градот, информира дека единствениот аргумент на Општина Тетово при промовирањето на граѓанскиот предлог „Тетово сака парк“, поднесен од 60 интелектуалци и поддржан од над 4.500 граѓани, организации и клубови, е недостатокот на финансии за реализирање на предлогот за формирање на прв градски парк.
„Иако ние тврдевме дека пари не се потребни туку волја, за чекор по чекор согласно експертизата на стручните лица од нашата иницијатива да се дојде до реализација, општинарите беа упорни на ставот – нема пари“, се наведува во Фејсбук објавата на „Тетово сака парк“.
Според информациите со кои располага граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“, Општина Тетово во моментов преку Јавното претпријатие „Тетово транспорт“ троши цели 10 милиони евра.
„Пари на сите нас, жителите, за да го сруши градскиот стадион, да изгради нов, како и да изгради нови фудбалски терени едниот во с.Сараќино и вториот веднаш до стадионот со вештачка трева на некогашниот спортски центар, денес узурпирана површина дадена под концесија за луна парк“, се додава во Фејсбук објавата.
Според „Тетово сака парк“, Општина Тетово се соочува со многу поголеми проблеми и недостатоци и нема никаква оправданост од расфрлање на јавни средства.
„Домаќински би било да се реновира постоечкиот стадион, кој е релативно нов и запуштен поради неодржување, да се заштедат пари и за неговото идно одржување и истиот да биде достапен на сите фудбалски клубови, а да се зачуваат пари целиот Спортски центар да се уреди парковски, бидејќи за тоа се потребни далеку помали средства. На овој начин ќе останат средства за изградба и на спортски терени за задоволување на потребите на клубовите и рекреативците. Вака парите ќе се потрошат, стадионите ќе се градат со години и ќе се потрошат и нови сега непланирани пари, ќе нема кој да ги одржува и ќе служат за напасување добиток, парк нема да имаме, па ќе ни останат само 3D анимираните проекти на градоначалникот за утеха“, додаваат од „Тетово сака парк“.
Подготвено од А.Ѓ.