15.04.2024 Скопје

Повеќе од 400 приватни специјализанти од скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ од денеска се во генерален штрајк поради неисполнетите барања, кои ги испратија до министерот за здравство Илир Демири на 27 март. Д-р Христина Илиоска-Чешлароска кажа дека од денеска нема да се појавуваат на работа, нема да дежураат и нема амбулантски да работат сѐ додека не добијат написмено дека ќе се исполнат нивните барања.

Приватните специјализанти се револтирани оти немаат пензиско и здравствено осигурување и бараат зголемување на месечниот надоместок, кој сега изнесува 26.000 денари и тој да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, како и решавање на нивниот статус на невработени лица.

„По протестот на 27 март имавме средба со министерот за здравство Илир Демири и од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Владата. По средбата со министерот, одржани се две седници на Владата, на 3 и 9 април, на кои според јавно достапните информации, не е разговарано за нашите барања“, кажа д-р Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година.

Таа додаде дека утринава добиле повик од претставник на Министерството за здравство и дека во 14 часот петмина од нив ќе одат на средба во Влада, но немаат информација кој ќе присуствува на состанокот.

„Нашиот штрајк ќе продолжи сѐ додека не добиеме писмена официјална гаранција дека ако не може сега поради изборите, по 8 мај ќе ни бидат исполнети барањата“, рече д-р Илиоска-Чешлароска, додавајќи дека и како жени се дискриминирани и не можат да одат на породилно искуство или на боледување поради дете оти тогаш се стопира специјализацијата и им се укинува месечниот надоместок.

Според д-р Тамара Пејоска,  која е прва година специјализант по пластична хирургија, тие дежураат по 24 часа, активно учествуваат во амбуланта и асистираат на операции, а сето тоа е наградено со ниска плата и немаат осигурување.

„Лично ми се случи да си ја платам инфузијата од 1.000 денари на Инфективна клиника. Или од овие 26.000 денари да издвојувам дополнително за здравствено осигурување. Нашиот статус никако не е решен, без разлика на нашето издвоено време и колку жртви имаме направено, не ги добиваме соодветните услови“, рече д-р Пејоска.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *