22.04.2024 Скопје
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека денеска во Брисел има мнозинство кое е за војна и дека во политиката доминира логиката на војната.
„Денес во Брисел има провоено мнозинство. Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите“, објави Орбан на својата Фејсбук страница.
Тој додаде дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, сака да воспостави мисија НАТО-Украина, додека „европските лидери веќе влегоа во војната“ и ја гледаат и водат како своја војна.
„На почетокот се работеше само за испраќање шлемови. Потоа дојдоа санкции, но не за производителите на енергија! А сепак, потоа и за нив. Потоа дојде до испорака на оружје. Прво огнено оружје, потоа тенкови, па авиони. Потоа финансиска помош. Десетици милијарди, се повеќе и повеќе, Сега сме некаде околу 100 милијарди евра, но ситуацијата не се подобрува, всушност се влошува“, истакна унгарскиот премиер.
Унгарскиот премиер нагласи „дека сме на чекор од Западот да испрати војници во Украина“.
„Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган. Тоа што го прави е искушение. Светските војни никогаш не се нарекуваат светски војни за почеток. Убеден сум дека мора да се држиме настрана од ова. Оваа војна не е наша војна. Ние не сакаме војна и не сакаме Унгарија да стане играчка на големите сили. Затоа мораме да се залагаме за мир – дома, во Брисел, во Вашингтон, ОН и во НАТО“, заклучи Орбан.
Подготвено од А.Ѓ.