19.04.2024 Скопје
Италијанската полиција минатата недела го уапси „најбараниот“ американски бегалец кој носел три скриени ножеви на преполниот плоштад Свети Петар пред Ватикан.
Бегалецот, кој сега е во притвор, се вика Мојсес Техада и е осуден како насилник од Одделението за истраги на казнено-поправните институции во државата Њујорк.
Тој е на листата на најбарани лица на тој оддел.
Тој го привлече сомнежот на полицијата која го приведе и констатира дека носи ножеви долги 20 сантиметри.
Плоштадот Свети Петар беше исполнет со верници и туристи додека папата Франциско одржа општа аудиенција тој ден, среда, 10 април.
Засега не е познато дали Техада, кој е осуден за грабеж и киднапирање, претставувал некаква закана за папата Франциско.
Инспекторите откриле дека тој неодамна пристигнал во Рим од Молдавија, а претходно престојувал во Украина.
На истражителите им рекол дека во Украина е од 2022 година, каде се борел против руските сили.
Италијанските власти сега чекаат американските власти да одлучат дали ќе бараат негова екстрадиција.
Подготвено од А.Ѓ.