grcija i albanija

06.12.2023 Скопје

Грција и Албанија имаат голем проблем со малцинствата. Грција сега индиректно се заканува со вето на почетокот на пристапните преговори на Албанија во Европската унија.

Билатералните односи меѓу двете земји се затегнати подолго време, а многу проблеми имаат корени од минатото.

Тука спаѓаат несогласувањата околу разграничувањето на поморските области, воената состојба меѓу двете земји која официјално сè уште трае, како и прашањето за имотните права на припадниците на грчкото малцинство во Албанија.

Откако Италија ја нападна Грција од територијата на окупирана Албанија, Грција и објави војна на Албанија во октомври 1940 година. Иако Албанија и Грција потпишаа договор за пријателство во 1996 година, двете членки на НАТО технички сè уште се во војна.

Според претставникот на грчкото МНР, грчката влада се согласила да стави крај на воената состојба уште во 1987 година, но грчкиот парламент никогаш не ја ратификувал таа одлука. Воената состојба долго време е извор на тензии меѓу двете земји.

Завршувањето на воената состојба е важно за Албанија, бидејќи може да ја отвори вратата за преговори за репарации за малцинството Чама. Тоа албанско малцинство долго живеело во денешниот северозападен грчки регион Епир. По Втората светска војна, Грција протерала и конфискувала имот на голем број муслимански Чами, бидејќи наводно соработувале со окупаторите. По завршувањето на диктатурата во 1990-тите, Албанија бараше репарации од Грција, а етничката група Чами во Албанија се залага за правото да се врати во Грција. Засега без успех.

Сепак, најголемата точка на расправија меѓу двете земји во моментов е случајот со Фреди Белери, 52-годишен припадник на грчкото малцинство во Албанија, кој беше избран за градоначалник на албанската општина Химара на 14 мај 2023 година. Повеќето од луѓето што живеат таму се Албанци Грци.

Белери не можеше да положи заклетва, бидејќи беше уапсен под обвинение за купување гласови. Тој тоа категорично го негира. Сите негови барања за ослободување или за преземање на функцијата досега беа одбиени од албанските судови.

Во заднина на овој случај веројатно е борбата за земјиште и недвижнини на живописното јадранско крајбрежје на Албанија и потенцијалот на Химара како туристичко место.

„Многу имоти на брегот им припаѓаат на етнички Грци кои живеат во Химара и околните села“, вели Скердијан Дуљи, адвокат од Химара.

Меѓутоа, од различни причини – пред се поради корупција во јавните институции кои се занимаваат со недвижен имот – локалните сопственици не можат да инвестираат во својот недвижен имот. Засегнати беа и локални албански сопственици на имот.

Причината е специфичноста на албанското законодавство за крајбрежните области. Сите инвестиции таму мора да бидат одобрени од националното тело на чело со премиерот Еди Рама. Покрај тоа, овој национален територијален совет може да назначи инвеститори кои можат да инвестираат во имотот на локалните сопственици. Адвокатот Дуљи смета дека оваа необична регулатива е всушност начин да се „ограби имотот на локалните сопственици“. Според него, во Химара има околу 4.000 вакви „преклопени парцели“.

Фреди Белери, кој е во опозиција на владејачката Социјалистичка партија (ПС) на премиерот Рама, вети дека ќе го промени тоа кога ќе стане градоначалник.

Грција жестоко реагираше на апсењето и притворањето на Белери, обвинувајќи ја Албанија за кршење на владеењето на правото и правата на грчкото малцинство. Атина тврди дека приведувањето на Белери било политички мотивирано и навести дека тоа би можело да го блокира почетокот на преговорите на Албанија за пристапување во Европската унија. За да почнат тие преговори потребно е, да потсетиме, за тоа да гласаат сите членки на ЕУ.

Според новинарот и писател Ставрос Цимас, меѓусебната недоверба игра многу важна улога во односите меѓу Грција и Албанија: „Од годините на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа и времето кога таа земја беше изолирана, чувството да се биде опкружен од непријателот. преовладуваше во Албанија Во круговите на политичарите, историчарите и новинарите постојано се сомневаат дека Грција има намера да ја распарчи Албанија“, вели Цимас, додавајќи дека „има недоверба и кај грчката страна – иако грчката јавност навистина не е заинтересирана за тоа што се случува во Албанија“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author