https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8_%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%80#/media/%D0%9F%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%BA%D0%B0:1000_denari,_1996-_lice.jpg

07.10.2022 Скопје

Денеска, Народната банка на Србија соопшти дека на листата на валути со кои се тргува на девизниот пазар на Србија од 1 ноември ќе вклучи две нови валути – македонскиот денар и дирхамот, платежното средство на Обединетите Арапски Емирати, додека хрватската куна ќе биде избришана од 1 јануари 2023 година, кога Хрватска ќе влезе во еврозоната.

При донесувањето на одлуката за вклучување на македонскиот денар во листата на валути со кои се тргува на домашниот девизен пазар, Народната банка на Србија се водеше од развиените економски и други форми на соработка меѓу Република Србија и Република Северна Македонија, како и на потенцијалот за понатамошен развој на оваа соработка, особено по започнувањето на иницијативата Отворен Балкан. Воедно, од НБС посочија дека воведувањето на македонскиот денар во листата на валути со кои може да се тргува во Србија, треба да го олесни остварувањето на дефинираните цели на оваа иницијатива.

Народната банка на Србија, од 1 ноември, ќе започне со објавување на курсната листа за официјалниот среден курс на динарот и курсната листа за девизи, во која ќе бидат вклучени курсевите на динарот во однос на македонскиот денар и на дирхамот, додека курсот на динарот во однос на хрватската куна ќе биде исклучен од 1 јануари 2023 година.

Од НБС соопштија и дека граѓаните до крајот на оваа година ќе можат да ги заменуваат хрватските куни за динари во менувачниците и банките во Србија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author