https://www.facebook.com/photo?fbid=677242843757040&set=a.487435399404453

21.10.2022 Скопје

На денешната средба на шефот на дипломатијата Бујар Османи со комесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји во Берлин, на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, теми биле новиот Извештај на Европската комисија, скринингот, обврските кои ни претстојат до отворањето на фундаменталниот кластер и справувањето со енергетската криза.

Министерството за надворешни работи соопшти дека на средбата министерот Османи го поздрави неодамна објавениот Извештај на ЕК за Северна Македонија, со кој се признава генерално добриот реформски напредок на земјата, особено во областите опфатени со фундаменталниот кластер и во поглавјето за Надворешна безбедносна и одбранбена политика, каде што сме оценети со највисока оценка „многу добар напредок”, пред се, со оглед на 100-процентното придружување кон позициите на ЕУ во рамки на нејзината надворешна политика.

Во соопштението стои и дека Османи има изразено благодарност за работата на Европската комисија во однос на планот за справување со енергетската криза за сите земји од Западен Балкан, со кој се очекува да се предложат финансиски фондови за адресирање на итните, краткорочни и среднорочни потреби на нашиот регион. Во овој контекст, Вархеји има најавено финансиски пакет за регионот, во износ од 1 милијарда евра, за ублажување на ефектите од енергетската криза.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author