04.03.2026 Скопје
Обединетите Арапски Емирати размислуваат за воен одговор за да ги спречат иранските ракетни и беспилотни летала напади врз нивна територија, објави американски портал, повикувајќи се на два извори запознаени со разговорите.
Самиот факт дека се разгледува таква опција укажува на длабоко незадоволство кај земјите од Персискиот Залив поради нападите на Иран врз цивилната инфраструктура, како и врз нафтените и гасните постројки.
Потенцијалната акција на ОАЕ против Иран би била преседан, бидејќи Емиратите формално не учествуваа во војната. Сепак, од почетокот на конфликтот, тие беа изложени на ирански напади повеќе од која било друга земја во регионот, дури и повеќе од Израел.
ОАЕ размислуваат да преземат активни одбранбени мерки против Иран. Иако не учествуваа во војната на никаков начин, сепак претрпеа напади со повеќе од 800 ракети и беспилотни летала – рече извор близок до разговорите, додавајќи дека „ставот во ОАЕ е дека ниедна земја во светот не би пропуштила да го преиспита својот одбранбен став во такви околности“.
На првиот ден од војната, Иран ги нападна ОАЕ, Кувајт, Катар и Бахреин, додека вториот ден нападите се проширија во Оман и Саудиска Арабија.
Нападот го принуди Катар да го прекине поголемиот дел од производството на природен гас, а потоа ирански дрон ја погоди американската амбасада во Ријад. Во Емиратите, фрагменти од пресретнати ракети предизвикаа пожари во пристаништето Џебел Али, додека дрон погоди луксузен хотел во Дубаи.
Израелските власти проценуваат дека Саудиска Арабија би можела да разгледа и воен одговор.
Анвар Гаргаш, советник за надворешна политика на претседателот на ОАЕ, наведе на мрежата X дека нападите на Иран врз земјите од Заливот „биле погрешна пресметка и го изолирале Иран во клучен момент“.
Министерството за одбрана на ОАЕ објави дека Иран испалил 186 балистички ракети кон Емиратите, од кои 172 биле пресретнати, 13 паднале во морето, додека еден ја погодил територијата на земјата. Покрај тоа, регистрирани се 812 дронови, од кои 755 биле соборени, додека 57 погодиле цели во земјата. Во нападите загинале тројца странски државјани, а околу 70 лица биле повредени.
Од почетокот на американско-израелската кампања, Иран ги таргетирал американските бази и други цели во ОАЕ, Бахреин, Кувајт, Катар, Оман, Јордан, Саудиска Арабија и Ирак, вклучувајќи го и курдскиот регион.
Подготвено од М.Д.