12.03.2026 Скопје
Република Северна Македонија мора да продолжи со добронамерно спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, како и на Преспанскиот договор со Грција, во согласност со обврските од Преговорачката рамка, се вели во стратегијата за проширување на ЕУ усвоена вчера од Европскиот парламент.
Во документот, европратениците нагласуваат дека проширувањето мора да остане процес базиран на заслуги и реверзибилен, при што напредокот на секоја земја-кандидат зависи од ефикасното спроведување на критериумите и вредностите на Европската Унија. Ниту една земја не треба да се гледа како дел од пакет и не може да има „кратки патишта“ во однос на основните принципи на Унијата.
Европратениците, исто така, ја нагласуваат потребата од целосно спроведување на националните и меѓународните судски пресуди, почитување на меѓународните обврски за воените злосторства и исчезнатите лица и спротивставување на глорификацијата на воените злосторници и историскиот ревизионизам.
Пратениците во Европскиот парламент денеска усвоија стратегија за проширување на Европската унија во која се оценува дека проширувањето е стратешки одговор на променливата геополитичка реалност и витална инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ.
Според усвоениот документ, цената на непроширувањето би ја надминала цената на придружувањето на нови членки на ЕУ, што би ризикувало создавање на геополитички сиви зони подложни на антагонистичко странско влијание .
За извештајот гласале 385 европски пратеници, против биле 147, додека 98 биле воздржани.
Авторот на нацрт-документот, пратеникот Петрас Ауштревичиус, оцени дека во услови на предизвиците на денешницата мора да дојде до подобрување на моделот на интеграција во ЕУ за подобро да се одразуваат интересите на Унијата и очекувањата на земјите кандидати.
Проширувањето на ЕУ мора да оди рака под рака со внатрешните реформи за да се заштити функционирањето на ЕУ и да се подобрат процесите на донесување одлуки, вклучувајќи поголема употреба на гласање со квалификувано мнозинство. ЕУ мора да ги заврши овие реформи до моментот кога кандидатите кои водат кон ЕУ ќе ги исполнат критериумите за членство и ќе бидат подготвени за пристапување во ЕУ – оцени Ауштревичиус.
Во усвоениот документ се наведува дека Црна Гора и Албанија веќе поставија амбициозни цели за завршување на преговорите за пристапување до крајот на 2026, односно 2027 година. Се истакнува дека ЕУ би требало да ги охрабри овие земји кога нивните амбиции ќе бидат придружени со опипливи реформи, па се повикува Советот на ЕУ да го признае овој замав и да ги отстрани сите препреки кои постојат на страната на ЕУ. Преку овој извештај се повикува и на што побрзо отворање на преговарачките кластери со Украина и Молдавија.
Во документот се истакнува дека членството во ЕУ мора да остане засновано на заслуги, а процесот реверзибилен. Ниту една земја, како што стои во документот, не смее да се третира како дел од пакет. Европските пратеници преку извештајот порачуваат дека не може да има кратенки во поглед на вредностите и темелните принципи на ЕУ.
„Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите, правата на малцинствата, независноста на правосудството и борбата против корупцијата мора да останат во прв план на процесот на проширување, со одржлива поддршка на граѓанското општество“, се наведува во документот.
Исто така се подвлекува неопходноста од усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што се оценува како „клучен показател за геостратешката ориентација на земјата кандидат“.
Пратениците на Европскиот парламент забележуваат дека најзагрижувачкото демократско назадување се случува во земјите на проширување со најниска усогласеност со заедничката европска политика на санкции, како и во оние земји каде што процесот на пристапување ефективно е во застој.
Ден пред гласањето за овој извештај беше одржана расправа во Европскиот парламент на која присуствуваше и европската комесарка Марта Кос, која порача дека ЕУ нема да дозволи придружување на земји кои би можеле тајно да ги поткопуваат нејзините вредности или институции.
Нема тројански коњи. Земјите кои би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на ЕУ. Мораме да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите кои се придружуваат на ЕУ мора да бидат силни и отпорни демократии способни да му се спротивстават на токсичното влијание на Русија и на другите – рече Марта Кос во Европскиот парламент.
Се забележува дека најзагрижувачките трендови и повлекувањето од демократските стандарди продолжуваат во земјите од проширувањето со најнизок степен на кохерентност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и во земјите чии преговори за членство се ефикасно во застој, особено Србија, Грузија и Турција.
Подготвено од М.Д.