07.03.2026 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да биде постигнат договор со Техеран доколку Иран „безусловно не се предаде“, една недела по почетокот на војната на САД и Израел против Иран.
„Потоа, и по изборот на голем и прифатлив лидер, ние и многу од нашите прекрасни и многу храбри сојузници и партнери ќе работиме неуморно за да го оддалечиме Иран од работ на уништување“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи.
Тој додаде дека сојузниците истовремено ќе работат и на зајакнување на иранската економија.
Трамп вчера изјави дека сака да учествува во изборот на следниот лидер на Иран.
Во меѓувреме, Израелските одбранбени сили соопштија дека извршиле нова серија напади врз цели во Иран. Армијата денешната операција ја опиша како „15-ти бран напади“, наведувајќи дека цел на ударите била инфраструктура поврзана со иранското раководство во Техеран и Исфахан.
Подготвено од М.Д.