16.03.2026 Скопје
Војна во Украина – 1482. ден. Американскиот претседател Доналд Трамп губи интерес за мировни преговори во Украина, додека се фокусира на Иран.
Руската армија концентрира значителен број сили и средства во Запорожјето, сметајќи го за свој примарен фокус, предупреди врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски. Тој додава дека интензитетот на офанзивните операции во областа Гуљајпоље е значително поголем во споредба со другите области.
Руските сили се приближуваат кон Славјанск, тие се само на неколку километри од тој град во Донецката област, објави шефот на самопрогласената ДНР Денис Пушилин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупредува дека пратениците или ќе мора да „служат“ во Врховната рада или да одат на фронтот. Третата опција, вели тој, е некако да се промени законот и да се одржат избори.
„Но, верувам дека изборите се невозможни за време на војна, а постојат и соодветни правни тешкотии“, рече Зеленски.
Додека украинскиот лидер бара нови борци за фронтот, се дознава дека американскиот претседател Доналд Трамп му ставил до знаење на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека верува дека конфликтот во Украина се развива во корист на Русија.
Исто така се дознава дека Трамп губи интерес за мировни преговори во Украина, додека се фокусира на Иран. Очигледно, наодите се потврдуваат со порака од Кремљ.
„Европејците прават сè што можат за да ја убедат Украина да продолжи со војната со Русија, додека преговорите за мировно решение се во мирување, бидејќи Соединетите Американски Држави се фокусираат на други прашања“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во меѓувреме, со „Маршот на мирот“ во Будимпешта, Унгарците велат – ние нема да бидеме украинска колонија. Премиерот Виктор Орбан предупредува дека лидерите на Европската Унија се подготвуваат за војна со Русија и дека не сакаат конфликтот во Украина да заврши.
Подготвено од М.Д.