18.03.2026 Скопје
Американскиот сенатор Линдзи Греам, републиканец од Јужна Каролина, изјави дека претседателот Доналд Трамп е лут затоа што европските сојузници не сакаат да обезбедат воена помош во обезбедувањето на премин низ Ормускиот теснец.
„Токму разговарав со американскиот претседател за неподготвеноста на нашите европски сојузници да обезбедат ресурси за одржување на проодноста на Ормускиот теснец, што е од многу поголема корист за Европа отколку за Америка. Никогаш во животот не сум го слушнал толку лут. Го делам тој гнев со оглед на тоа што е во прашање“, напиша Греам во објава на платформата „X“ и додаде:
„Арогантно е од нашите сојузници да тврдат дека Иран со нуклеарно оружје не е голем проблем и дека воената акција за спречување на ајатолахот да се здобие со нуклеарна бомба е наш проблем, а не нивен. Европскиот пристап кон ограничувањето на нуклеарните амбиции на ајатолаховите се покажа како целосен неуспех. Последиците од слабиот ангажман во обезбедувањето на Ормускиот теснец ќе бидат далекусежни и за Европа и за Америка. Се сметам за силен застапник на алијансата, но во време како ова, кога таа е сериозно тестирана, почнувам да ја доведувам во прашање нејзината вредност. Сигурен сум дека не сум единствениот сенатор кој мисли така“, напиша Греам на X.
Ве потсетуваме дека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави сè уште не се подготвени да ја суспендираат воената операција во Иран, но дека тоа ќе се случи „во многу блиска иднина“.
Претходно тој ги повика земјите членки на НАТО да испратат воени бродови во Ормутскиот теснец, но ниту една сојузничка држава не ја прифати оваа иницијатива.
Подготвено од М.Д.