faaab211-4300-43f7-94a7-081309912a3b_lubricants-comply_extra_large

10.03.2026 Скопје

Светот повторно влегува во зона што најмногу потсетува на енергетските потреси од 1970-тите, кога нафтата престана да биде само суровина и стана глобално политичко оружје. Денес, по ескалацијата на војната околу Иран и практичното гушење на протокот низ Ормускиот Теснец, енергетскиот пазар веќе не реагира како на обична регионална криза, туку како на системски шок што може да се прелее во горива, гас, струја, транспорт, храна и инфлација на глобално ниво. И токму затоа според Wall Street Journal ова веќе е „најтешката енергетска пазарна дестабилизација од 1970-тите“.

Причината е едноставна, но опасна. Ормускиот Теснец е најчувствителната енергетска артерија во светот. Во 2025 година низ него минувале речиси 15 милиони барели сурова нафта дневно, односно околу 34 проценти од глобалната трговија со сурова нафта. Истовремено, преку истиот теснец минува и речиси една петтина од светската трговија со ЛНГ, а за тој дел нема вистинска алтернатива, бидејќи катарскиот гас не може едноставно да се пренасочи преку други маршрути. Тоа значи дека секое подолго нарушување таму не е само нафтен проблем, туку и гасен и електроенергетски проблем.

Меѓународната агенција за енергија веќе предупреди дека по почетокот на воените дејства на 28 февруари, цените на Брент скокнале за 27 проценти до 6 март, а европскиот гасен репер TTF за речиси 70 проценти. Особено погодени се и пазарите на дизел и авионско гориво. Со други зборови, шокот веќе не е хипотетички. Тој е тука и веќе ја менува цената на енергијата на повеќе фронтови.

Токму ова ја прави сегашната состојба толку сериозна. Во изминатите години светот често зборуваше за енергетска криза, но речиси секогаш постоеше некаков амортизер: поголемо производство на други места, стратешки резерви, послаба побарувачка или можност дел од товарот да го преземат други извозници. Сега амортизерите се многу потесни. ИЕА признава дека пред конфликтот пазарот изгледал комотно снабден, но дека подолги прекини лесно можат да го превртат од вишок во дефицит. Истовремено, иако има над 1,2 милијарди барели јавни резерви во земјите членки на ИЕА, тие се само перница, не трајно решение ако кризата се развлече.

Wall Street Journal затоа не случајно ја повлече паралелата со 1970-тите. Не затоа што денешниот свет е идентичен со тогашниот, туку затоа што нафтениот шок повторно почнува да го турка целиот економски механизам. Веќе растат цените на бензинот и дизелот, а нагоре одат и трошоците за задолжување и хипотекарните стапки, што е класичен знак дека енергетскиот удар почнува да се прелива и во финансискиот систем.

Reuters дополнително предупредува дека пазарите сè погласно стравуваат од враќање на стагфлацијата, односно комбинација од скап живот и слаб економски раст. Брент веќе ја проби психолошката граница од 100 долари за барел, а инвеститорите повторно зборуваат за ризици што потсетуваат на рецесиите по нафтените шокови во 1973, 1980, 1990 и 2008 година. Според правилото што го наведува Capital Economics, секој раст на нафтата од 5 проценти додава околу 0,1 процентен поен на инфлацијата во развиените економии. А според ММФ, траен раст на цената на нафтата од 10 проценти може да одземе 0,1 до 0,2 проценти од глобалното производство.

Најголемата опасност е што кризата не би останала само кај нафтата. ИЕА директно наведува дека прекин на ЛНГ испораките низ Ормус би отстранил повеќе од 300 милиони кубни метри гас дневно од светскиот пазар, што е двојно повеќе од просечниот проток низ Северен тек во 2021 година. Со оглед на тоа што другите ЛНГ извозници веќе работат близу капацитет, тие количини не можат брзо да се заменат. Тоа значи дека Европа и Азија би влегле во жестока трка за ограничени количини течен гас, а таа трка секогаш завршува со повисоки цени за индустријата, струјата и домаќинствата.

За РС Македонија, ова предупредување е уште поостро. Земја што зависи од увоз на енергенси не ја чувствува оваа криза кога ќе стигне на насловните страници, туку кога ќе стигне на бензинските, во цената на превозот, во камионот што носи леб, во сметката за греење и во секојдневната кошничка. А тоа веќе почна да се случува. Затоа тезата дека светот е пред најголемата енергетска криза од 1970-тите не треба да се чита како драматичен наслов, туку како реална можност што веќе ја признаваат и берзите,

Ако Ормускиот Теснец остане блокиран или полублокиран подолго, светот нема да добие само поскапа нафта. Ќе добие нов глобален ценовен шок, нервозни централни банки, ослабен раст и нов бран притисок врз храната и животниот стандард. И токму затоа денешниот момент толку силно мириса на 1970-тите: не затоа што историјата се повторува буквално, туку затоа што светот повторно учи иста лекција — кога енергијата ќе стане оружје, кризата никогаш не останува само во енергетиката.

Подготвено од М.Д.

About Author