05.03.2026 Скопје
Секое трето дете на возраст од 6 до 9 години во РС Македонија има зголемена телесна тежина, а речиси секое седмо живее со дебелина. Наодите од студијата на Европската иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI) алармираат дека земјава се соочува со сериозни предизвици во однос на исхраната, физичката активност и свесноста на родителите.
Според истражувањето, 31,2 % од децата имаат зголемена телесна тежина, додека 13,7 % се со дебелина – број што го надминува европскиот просек од 25 и 11 %. Проблемот е поизразен кај момчињата отколку кај девојчињата. Особено загрижува податокот дека само 25 % од децата секојдневно консумираат свежо овошје, што е најниска стапка во целиот европски регион. Свеж зеленчук секој ден јадат само 20 % од децата, што, исто така, ја позиционира земјава меѓу најлошите во Европа. Во исто време, 40 % од децата јадат солени грицки – највисок процент во споредба со државите опфатени во COSI-студијата. Повеќе од половина, односно 51 %, редовно консумираат слатки грицки три или повеќе дена неделно.
Децата се движат, ама не се двојат од електронските уреди
Иако 9 4% од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра со умерен до силен интензитет, а 48,2 % активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно, сепак, 40 % од нив поминуваат повеќе од два часа дневно пред телевизор или електронски уреди. Позитивен податок е што 63,3 % од децата пешачат или возат велосипед до училиште, а кај оние што живеат на растојание до два километри, оваа навика ја практикуваат дури 89 %. Исто така, 88,6 % од децата спијат најмалку девет часа навечер.
За родителите сè уште дебело дете е здраво дете
Студијата покажува и силна поврзаност меѓу образованието на родителите и здравствените навики на децата. Децата со зголемена телесна тежина и дебелина почесто живеат во семејства каде штои родителите имаат низок или среден степен на образование, додека поздрави навики се бележат кај семејствата со повисоко образование. Дополнително загрижува фактот што постои ниска свесност кај родителите за препознавање на проблемот. За повеќе од половина од децата што имаат зголемена телесна тежина или дебелина, родителите сметаат дека тежината е во границите на „нормалата“. Експертите предупредуваат дека состојбата бара итни интервенции во училиштата, семејствата и во пошироката заедница. Меѓу предложените мерки се реформулација на храната, подобро информирање за нутритивната вредност, ограничување на рекламирањето нездрава храна, како и создавање урбана средина што овозможува безбедно движење и физичка активност.
Подготвено од М.Д.