02.03.2026 Скопје
Најголемата соларна електрана во Хрватска се гради во областа Промина, во внатрешноста на Шибеник. Ќе има повеќе од 300.000 фотоволтаични модули на две полиња.
„Теренот е расчистен, има ниска вегетација, нема шума. После тоа, се планира теренот, се набива почвата и се засипува за да се создаде чисто плато за да можат да се монтираат панелите“, објасни Бруно Босниќ, раководител на локацијата.
На три милиони квадратни метри, две соларни полиња ќе произведуваат доволно електрична енергија за речиси 90 илјади домаќинства.
И додека работите се во полн ек, мештаните се запознаваат со проектот подетално. Некои од нив се незадоволни и загрижени.
„Колку ќе имаме корист од ова, не мислам дека ќе имаме бидејќи електричната енергија ни станува сè поскапа секој ден“, вели Јосип Чулина, жител.
Проектот треба да обезбеди десет нови работни места, а општина Промина ќе генерира годишен приход од околу 400.000 евра. Но, износот на надоместокот за градоначалникот не е прифатлив.
„Надоместокот од 2013 година, утврден од Владата на Република Хрватска, беше утврден на една липа по произведен kWh и не е променет 13 години. Во меѓувреме, имаше флуктуации“, истакнува Тихомир Буданко, градоначалник на општина Промина.
Проектот вреден 115 милиони евра е во тек речиси десет години, а клучниот чекор е изградбата на трафостаницата. Ова ќе биде првата трафостаница од 400 kW во овој дел од Хрватска по повеќе од 45 години. Концесијата на државно земјиште за 30 години ја држи шпанска компанијам, а пробната работа и производството во сончевата електрана Промина треба да започнат во летото 2027 година.
Подготвено од М.Д.