eu-sad-znaminja

13.03.2026 Скопје

Соединетите Држави сакаат да ги поделат европските влади, кои поединечно имаат помала моќ, изјави Каја Калас, висока претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија.

„Она што мислам дека е всушност важно сите да го разберат е дека САД беа многу јасни дека сакаат да ја поделат Европа. Тие не ја сакаат Европската Унија“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ во интервју, додавајќи дека пристапот на Вашингтон ги отсликува тактиките што ги користат „противниците“ на ЕУ.

Дополнително, таа призна дека Брисел и Вашингтон имаат „многу комплициран однос“. Калас истакна дека земјите од ЕУ во моментов не се согласуваат за тоа како да одговорат на политиката на САД. Сите членки на блокот мора да се обединат за да „се справат заедно со американскиот претседател Доналд Трамп“.

Таа, исто така, изјави дека ЕУ има „простор и да го смири Трамп и да ја намали зависноста од САД“. Според неа, потребно е да се продолжи со купување на она што Европа не може сама да го произведе, а во исто време да се инвестира во сопствената одбранбена индустрија, така што „не сите јајца се ставаат во иста кошничка“.

Ажурираната Стратегија за национална безбедност на САД објавена на 5 декември предизвика загриженост дека за 20 години Европа ќе претрпи радикална трансформација и ќе биде на работ на уништување како цивилизација поради субверзивните политики на раководството на ЕУ и другите наднационални структури. Во овој поглед, американската администрација изрази сомнежи дека некои европски земји ќе имаат економски и воени капацитети да останат сигурни сојузници на Вашингтон.

Подготвено од М.Д.

About Author