tramp-iran-flota

16.03.2026 Скопје

Конфликтот на Блискиот Исток влегува во нова фаза во која, покрај директните воени операции, дипломатската борба за широка меѓународна поддршка е сè повидлива. Имено најновиот потег на Вашингтон, повикот до другите држави сојузници да испратат воени бродови во Ормускиот Теснец за да ги заштитат трговските патишта, покажува дека кризата се шири надвор од регионалните граници и добива изразито глобална димензија особено со најавите на Трамп за формирање на поморска коалиција за зашита на бродовите во теснецот.

Поканата на Доналд Трамп беше упатена не само до традиционалните сојузници на САД, туку и до земјите што се сметаат за негови стратешки соперници. Франција, Велика Британија, Јапонија и Јужна Кореја се најдоа меѓу земјите од кои се очекува да учествуваат во поморската мисија, но фактот дека иницијативата беше упатена и до Кина привлече посебно внимание.

Во срцето на американскиот аргумент е безбедноста на еден од најважните енергетски коридори во светот. Ормускиот Теснец е артерија низ која минува значаен дел од глобалната трговија со нафта и течен природен гас. Секое сериозно нарушување на пловидбата таму би можело да предизвика ненадејни потреси на глобалните енергетски пазари, но и да ги продлабочи веќе постојните геополитички тензии.

Нови поморски воени сојузи?

Американскиот претседател Доналд Трамп ги засили повиците за повторно отворање на виталниот Ормуски Теснец, велејќи дека „се надева“ дека воени бродови ќе бидат испратени во областа во близина на брегот на Иран за да им помогнат на комерцијалните бродови безбедно да пловат.

„Многу земји, особено оние кои се погодени од обидот на Иран да го затвори Ормускиот теснец, ќе испратат воени бродови, заедно со Соединетите Американски Држави, за да го одржат теснецот отворен и безбеден“, напиша тој во својот последен пост на „Трут Сошл“.

Тој даде малку детали освен што рече дека се надева оти Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија исто така ќе испратат воени бродови.

Неговите коментари на социјалната мрежа Трут Сошл – кои не дадоа временска рамка – дојдоа неколку часа откако тој нареди напад врз воените локалитети на островот Харг, од каде што Иран ја извезува речиси целата своја нафта, зголемувајќи го влогот во војната на Блискиот Исток која беснее повеќе од две недели и покажува малку знаци на смирување.

Иако американскиот претседател тврди дека воените капацитети на Иран се практично уништени, самата иницијатива за формирање широка поморска коалиција открива дека ризикот од асиметрични напади сè уште постои. Во услови на модерно војување, дури и релативно ограничените дејствија, како што се поставување мини, користење беспилотни летала или лансирање ракети со краток дострел, можат да бидат доволни за да ја загрозат пловидбата и да предизвикаат глобални последици.

Во исто време, Вашингтон најави продолжување на воените операции по должината на иранскиот брег и против иранските поморски единици. Таквиот пристап укажува на намерата на Соединетите Американски Држави истовремено да го одржуваат воениот притисок и да го претстават Ормускиот Теснец пред меѓународната заедница како заеднички безбедносен проблем, а не исклучиво како конфликт меѓу САД и Иран.

Сепак, реакциите на потенцијалните партнери покажуваат дека оваа стратегија не наидува на недвосмислена поддршка. Норвешка веќе објави дека нема да ги испраќа своите бродови во регионот, објаснувајќи дека ситуацијата е премногу нестабилна и дека е потребно да се бара дипломатско решение. Слична воздржаност е забележлива и кај другите држави кои формално припаѓаат на кругот на западниот сојуз, пишува белградска Политика.

Интересно е што Кина, од друга страна, засега држи дистанца. Пекинг веќе има свои механизми за соработка со Техеран во поморската безбедност, што му овозможува да избегне директно приклучување кон американската иницијатива. Оваа позиција ѝ овозможува на Кина да ја задржи улогата на набљудувач кој внимателно го следи развојот на настаните, без да презема директни воени обврски.

Иран засега цврст во истрајноста за војување

Од иранска страна, како што наведува медиумот пораките се јасни и насочени кон регионалните актери. Техеран се стреми да го претстави американското присуство како надворешна интервенција и ги повикува САД сами да обезбедат регионална стабилност. Во исто време, иранското раководство нагласува дека ја задржува иницијативата во конфликтот, што укажува на верувањето дека и покрај американските напади, има доволно капацитети за асиметрично дејствување.

Во поширока геополитичка перспектива, американскиот повик за формирање меѓународна поморска коалиција може да се протолкува и како обид за споделување на одговорноста за безбедноста на регионот со други држави. Таквиот пристап му овозможува на Вашингтон да го намали сопствениот оперативен товар, но и политички да го легитимира своето воено присуство во зоната на конфликтот.

Во исто време, реакциите на сојузниците покажуваат дека западниот блок повеќе не дејствува со ист степен на единство како во претходните кризи. Сè поголем број држави претпазливо ги проценуваат сопствените интереси и избегнуваат директно вклучување во конфликти што носат ризик од поширока ескалација.

Затоа, Ормускиот Теснец денес не е само стратешка енергетска артерија, туку и симбол на нова фаза во меѓународните односи. Начинот на кој светските сили ќе се позиционираат кон американската иницијатива ќе покаже колку е функционален глобалниот систем на сојузи и дали светот се движи кон сè поизразена геополитичка фрагментација, анализираат регионалните медиуми.

Подготвено од М.Д.

About Author