13.03.2026 Скопје
Родителите на загинатите од дискотеката „Пулс“ во Кочани излегоа разочарани од комеморативната седница на Собранието одржана една година по трагедијата. За нив е несфатливо како не беше споменато ниедно име на загинатите во говорот на спикерот Африм Гаши. Родителите беа сместени на галеријата на пленарната сала.
Тие рекоа дека пратениците не им оддадоа почит на нивните деца, ова е само уште еден удар и рана за нив, родителите.
„Денеска сме собрани овде, повикани од Владата, за комеморација на нашите деца по една година од трагедијата. Очекувавме и се надевавме дека кога ќе дојдеме овде, ќе им оддадат почит на нашите деца, но сè падна во вода. Комеморација за нашите деца – 63 жртви – за една држава, со две страници читање и ајде чао, пријатно, толку беше! Ова е голем удар за нас родителите. Ова не го очекувавме, уште една голема рана за нас, родителите. По една година комеморација со две страници читање на напишан текст?! Не знам, катастрофа, многу големо разочарување“, рече Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.
Таткото на Надица, Александар, видно разочаран и револтиран од комеморативната седница во Собранието, рече дека очекувале барем имињата на нивните деца да бидат кажани.
„Очекувавме за секое дете барем по две минути да одвоеја, бидејќи на сите институции им беше пренесено. За жал, ниедно дете не беше споменато со име и презиме, само правдање за Собранието и за одморот од две недели што си го зедоа по трагедијата. Една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација за нашите деца. Тоа требаше да се случи многу порано. Трагедијата во ‘Пулс’ не е само семејна болка, туку и институционална одговорност. Затоа очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда, како што кажа и претседателот на Собранието, Гаши“, рече Александар Наунов.
Подготвено од М.Д.