eu makedonija

02.03.2026 Скопје

РС Македонија повторно се наоѓа меѓу охрабрувачки формулации од Брисел и тврди политички услови на терен. Дилемата околу уставните измени ја дели стручната јавност – едни предупредуваат на застој без нив, други не гледаат гаранција дека тие ќе донесат пробив. Во ваков амбиент, европскиот пат останува отворен, но времето за брзи чекори се чини дека истекува.

Помеѓу внимателниот оптимизам и отворениот песимизам, европската приказна на РС Македонија повторно се најде во зона на неизвесност. Извештајот на европратеникот Томас Вајц донесе формулација што на прв поглед звучи охрабрувачки, бидејќи бележиме институционален напредок. Но, зад дипломатските редови се чита и нешто друго: политичката бариера не е поместена.

Во домашната јавност тоа се преведува на едноставно прашање – дали сме поблиску до Брисел или само кружиме околу истата точка?

Дел од аналитичарите со коишто разговаравме предупредуваат дека геополитичкиот контекст и внатрешните динамики во Бугарија ја прават равенката уште посложена. Други, пак, порачуваат дека дилемата е веќе решена и дека без уставни измени процесот останува заклучен.

Во меѓувреме, Европската Унија се соочува со сопствени безбедносни и економски предизвици, а проширувањето, иако формално останува стратешка цел, не делува како итна политичка задача.

Така, РС Македонија се наоѓа меѓу три огна: потребата од внатрешен консензус, непредвидливата политика во Софија и сигналите од Брисел што сè уште не се доволно јасни.

Пробивот, велат соговорниците, не е невозможен. Но во моментов изгледа како сценарио што бара ретко совпаѓање на фактори, нешто што засега повеќе личи на потенцијал отколку на реалност.

Универзитетскиот професор Александар Спасеновски во изјава вели дека извештајот на Томас Вајц ја потврдува сложената позиција во која се наоѓа РС Македонија.

Иако се нотира важен институционален напредок, суштинската политичка бариера останува непроменета. Оттаму, кога станува збор за придвижувањето на европските интеграции, важно е да се анализираат внимателно сите околности. Политичката динамика во Бугарија упатува на можноста од дополнително јакнење на струи со поизразен скептицизам кон македонските евроинтеграции после претстојните избори. Истовремено, долготрајната политичка нестабилност во Бугарија веројатно малку повеќе ги мотивира партиите да водат сметка како да освојат глас повеќе отколку водење на стратешка државна политика, што ја прави темата РС Македонија многу чувствителна – објаснува Спасеновски.

Конечно, додава тој, ЕУ очигледно е фокусирана малку повеќе на значително покрупни безбедносни, економски и институционални предизвици, што е прилика за размислување дека проширувањето останува стратешка цел, но во актуелниот геополитички контекст не е прв приоритет.

Низ призма на истакнатото, сметам дека динамизирање на европските интеграции на краток рок не е за очекување. Пробив е можен само доколку се совпаднат три фактори: јасен внатрешен консензус, стабилизирана политичка ситуација во Бугарија и појасен сигнал од Брисел дека проширувањето повторно станува оперативен приоритет. Во моментов, таквата констелација мислам дека не е видлива – вели Спасеновски.

Помирување со условите

Скоро невозможно е да го фатиме јунскиот воз за членство во Европската Унија, вели поранешниот амбасадор во Романија и прв претставник на РС Македонија во Советот на Европа во Стразбур.

Јас сум песимист во поглед на брзото интегрирање на РС Македонија во Европската Унија. Правилата се многу строги и кога Европскиот совет ќе одлучи што треба да исполни една земја, тој тешко ја менува својата одлука. А јас не гледам вистински прогрес. Од една страна, од нас се инсистира да се промени Уставот и да се вметнат Бугарите во Преамбулата, а од друга страна, со Преговарачката рамка има елементи кои ѝ даваат право на Бугарија во секој момент да ја блокира РС Македонија. Тоа е неприфатливо за нас и очигледно Владата очекува да се променат состојбите во ЕУ, во смисла на промена на правилата на игра. Комплицирано и комплексно е прашањето, но скоро невозможно е да го фатиме јунскиот воз за членство во Унијата – истакна Зашов.

Универзитетскиот професор Живко Андревски вели дека е време да се помириме дека уставните измени мора да се случат доколку сакаме да бидеме дел од европското семејство.

Треба да покажеме историска, политичка и општа зрелост дека случувањата во Европската Унија е поврзано со тие сили што доминираат таму и што ги поставуваат правилата. Долго време се мислевме и се премислувавме – дали да се промени името на државата, а на крајот сепак прифативме во името на брзо интегрирање на РС Македонија во европското семејство. Но, и извештајот на Вајц уште еднаш ни потврди дека без уставните измени земјава нема шанси да отвори процес на преговори. Значи, државата треба да најде итно решение за уставните измени, друго не ни преостанува – изјави Андревски.

Очигледно е, посочува тој, дека овие мали општества како што е македонското, мора шансата да ја гледа во рамките на ЕУ.

Мое мислење е дека ЕУ е еден од најголемите, а можеби и најголем проект кој успеал во светот. Ќе кажам само едно: за најболните вистини има само еден лек, а тоа е да се помириш со нив – посочи Андревски.

Лобирање и ризици

Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ вели дека сега е многу значајно во која насока ќе лобираме.

Накусо, посочува таа, подрачја во кои овој Нацрт бележи напредок се реформата на јавната администрација, дигиталната трансформација и спроведувањето на Реформската агенда, но е критичен во однос на владеењето на правото – правосудството и особено борбата против корупцијата.

Пофалбата, пак, за усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ е проследена, имплицитно, со критика во однос на гласањата во ООН. Во однос на уставните измени, текстот останува на познатата позиција на европските институции дека тие треба да се усвојат, истовремено и контрадикторно посочувајќи дека билатералните спорови треба да се надвор од пристапниот процес. Секако, главна цел на известителот ќе биде резолуцијата да се усвои, и таа ќе биде резултат на дијалог и компромиси меѓу политичките партии во ЕП, но секако и лобирањето – не само од наша страна. Документот е на почеток на процедурата, сега следат амандманите, а потоа е најбитно усогласувањето во пратеничките групи. Многу е значајно во која насока ќе лобираме, односно веќе лобираме. Не се корисни декларативни потврди на идентитетот, ниту декларативни гаранции, туку механизми кои ќе ги стават билатералните спорови надвор од пристапниот процес и ќе оневозможат уставните измени да го загрозат целиот наш пристапен процес. За жал, не сум оптимист дека партиите од позицијата и опозицијата ќе лобираат „во еден глас“, што би било потребно за успех – објаснува Ристевска Јорданова.

Таа додава дека секое врзување со рокови е штетно за нас, доколку не ги заштитиме нашите национални интереси кои се сериозно загрозени.

Не мислам дека јуни годинава е некаков „рок“, особено не врзано со резолуцијата на ЕП – заклучува Ристевска Јорданова.

Муцунски: Нема да бидеме нечии заложници

Мораме да најдеме решение на предизвикот со Бугарија, да имаме активен дијалог, но во рамки на нашите принципиелни позиции, изјави министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Не смееме да дозволиме да продолжиме да бидеме заложници на билатерални процеси, тоа не е фер кон оваа држава, тоа нашите граѓани и нашите институции не го заслужуваат и затоа, треба да се најде некое рационално решение кое нам како држава и на нашиот народ ќе ни даде предвидливост по европскиот пат кој без никаква дилема огромно мнозинство во земјава го посакува – изјави Муцунски.

Како што посочи министерот, во Бугарија течат изборните дејства поради што треба многу да се внимава.

Подготвено од М.Д.

About Author