13.03.2026 Скопје
Цените на некои од основните прехранбени производи, во еден ден, се зголемија за 10 и повеќе проценти, а сè уште нема најави за конкретни мерки. Во услови на силен ценовен удар, потребно е да се користат инструменти со кои може да се интервенира и да се спречи цените да достигнат до плафон, наместо да се очекува приватниот сектор да покаже добра волја. Од Владата се надеваа на совеста на трговците, но таа и во минатото повеќепати недостигаше. Ценовниот шок од бензинските пумпи се прелеа и во маркетите, што дополнително ги напумпа цените на прехранбените производи. Очигледно е дека трговците не ги послушаа апелите на премиерот за „фер однос“, ниту предупредувањата дека нема да се дозволи профитерство на грбот на граѓаните.
Од Организацијата на потрошувачи на РС Македонија бараат повторно да се активираат некои од мерките кои беа применувани во минатото како ограничување на маржите, за да не дојде до енормно зголемување на цените на основните прехранбени производи.
Се покажа дека овие мерки дадоа одредени резултати и покрај тоа што одредени економски експерти сметаат дека тие не се пазарни мерки. Не може да чекаме цените да се зголемат до плафон, па потоа да интервенираме. Треба да се воведат превентивни мерки за основните прехранбени производи и да се применува Законот за нечесни трговски практики за да се заштитат граѓаните од ценовниот шок што се заканува поради порастот на цените на нафтата, изјави Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.
Не веруваме дека трговците ќе се покажат како општествено одговорни кога до вчера се договараа за цени и се штитеа меѓу себе.
Ако цените почнат да растат, мерките ќе бидат задоцнети бидејќи инфлацијата веќе тргнала нагоре. Значи, потребни се мерки превентивно, за да не се покачат цените, ако се покачат цените, мерките ќе бидат задоцнети и нема да има ефект од нив. Ние знаеме дека овие мерки не се пазарни, но во вакви услови може да помогнат да се одржи сегашниот стандард на граѓаните, вели Лончар-Велкова.
Таа вели дека искуството досега покажало дека трговците ги надоместуваат загубите со зголемување на цените на другите производи кои не се основни и кои не се под мерки.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, во изјава вели дека инспекторите се на терен и ги чешлаат производителите, маркетите, дистрибутерите и увозниците.
Во наредните 2-3 недели ќе се проверуваат сите производители, маркети, дистрибутери и увозници. Ќе се проверуваат нивните сметководства, ќе се проверуваат набавните цени и нивните профитни маржи. Ние проверуваме колкави се нивните бруто-профитни маржи, односно колкави се цените при влез и излез и не навлегуваме во другите нивни пресметки, изјави Стојкоски.
Тој посочи дека 30 тимови се на терен низ целата територија на државата, а се проверуваат околу 200 производи од кои околу 100 основни производи. Се гледа какви биле нивните цени во јануари, февруари, март… односно како се движеле цените од почетокот на годината, досега.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата им порачаа на маркетите да не ги договараат цените на прехранбените производи меѓусебно.
Комисијата за заштита на конкуренцијата внимателно ги следи движењата на пазарот и однесувањето на пазарните учесници во трговијата со прехранбени производи. Во услови на пазарна економија, цените ги формираат самите компании, но тие се должни тоа да го прават независно, без меѓусебни договори или координација. Комисијата ќе продолжи со континуиран мониторинг на пазарот и, доколку се појават индиции за забранети договори или злоупотреба на пазарна моќ, ќе постапи во согласност со своите законски надлежности, со цел обезбедување фер конкуренција и заштита на потрошувачите, соопшти КЗК.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски, по средбата со претставниците на маркетите, изјави дека нема да дозволи профитерство на грбот на граѓаните.
Државата нема да интервенира на пазарот без причина. Но државата нема ни да стои настрана ако се создава реален притисок врз граѓаните, без објективна основа. Продолжуваме да ја следиме состојбата и да интервенираме доколку има потреба за тоа, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Граѓаните алармираат дека цените во маркетите веќе почнаа да растат. Од вчера се покачени маслото за јадење, јајцата, некои сувомесни производи, кафето, какаото….
Причината не е само порастот на цената на енергентите, туку и ризикот од нарушување на испораките на ѓубрива. Експертите посочуваат дека евентуалниот недостиг од ѓубрива може да има долгорочни последици врз земјоделството и цените на храната. Намалената достапност на овие производи ги зголемува трошоците за производство во земјоделството, што на крајот, се пренесува и на потрошувачите.
Според економските процени, ваквото нарушување на синџирите на снабдување може дополнително да ја зголеми инфлацијата на храната.
Податоците од индустријата покажуваат дека цените на ѓубривата се зголемиле за околу 30 проценти само една недела по почетокот на конфликтот. Особено се значајни азотните ѓубрива, кои се широко користени за подобрување на приносите во земјоделството и се меѓу најтргуваните производи што се транспортираат низ овој регион.
Цената на уреата, која е еден вид минерално ѓубриво кое се користи за прехрана на растенијата, се искачи на повеќе од 600 долари за тон, во споредба со 450 долари минатата недела. Исто така, се зголемија и цените на другите азотни ѓубрива поради нивната недостапност. Поскапувањето на репроматеријалите ќе влијае на зголемување на цените на земјоделските производи што ќе удри по џебот на граѓаните, велат земјоделците.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) веќе соопшти дека глобалните цени на храната се зголемиле во февруари, прекинувајќи го петмесечниот тренд на опаѓање. Покачени се цените на пченицата, повеќето растителни масла, неколку видови месо…
Порастот на цените првенствено беше поттикнат од повисоките цени на житарките, особено пченицата, кои се зголемија поради неповолните временски услови во делови од Европа и САД, како и логистичките прекини во Руската Федерација и поширокиот регион на Црното Море – важна извозна област за снабдување на европските пазари, вклучително и Југоисточна Европа.
Извештајот предупредува дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток може да доведе до зголемување на цените на енергијата и на ѓубривата, што би ги зголемило трошоците за производство и транспорт за земјоделците ширум светот.
Подготвено од М.Д.