inflacija-8-696x392.jpg

06.03.2026 Скопје

Ескалацијата на воениот конфликт на Блискиот Исток повторно ги отвори стравувањата од нов инфлациски бран сличен на оној по руската инвазија врз Украина во 2022 година, кога глобалниот раст на цените на енергенсите ја турна инфлацијата на највисоко ниво во последните децении.

Главниот ризик повторно доаѓа од енергетските пазари. Цената на нафтата од типот „брент“ накратко се искачи над 84 долари за барел, пред да се стабилизира околу 81 долар. Економистите предупредуваат дека ако цената на нафтата продолжи да расте, тоа може дополнително да ја поттикне инфлацијата и да ги натера централните банки повторно да ги заострат монетарните политики.

Според анализите, во најлошото сценарио цената на нафтата би можела да достигне и до 108 долари за барел. Се проценува дека секое зголемување од пет проценти на цената на енергенсите може да додаде околу 0,1 процентен поен на глобалната инфлација.

Пазарите веќе покажуваат реакции што потсетуваат на почетокот на војната во Украина. Тогаш цената на нафтата за само неколку недели скокна од околу 99 на речиси 128 долари за барел, што предизвика силен раст на цените на енергијата и инфлацијата во Европа.

Во еврозоната инфлацијата од нешто над пет проценти пред почетокот на војната се искачи на 10,6 проценти во октомври 2022 година. Како одговор, Европската централна банка започна циклус на зголемување на каматните стапки, кои достигнаа врв од четири проценти во 2023 година.

Дополнителен притисок сега создава и растот на цените на гасот, откако производството на течен природен гас во катарскиот комплекс „Рас Лафан“ беше нарушено поради воените напади.

Енергетскиот шок во 2022 година силно се почувствува и во Република Северна Македонија. Само во првата недела од конфликтот во Украина бензините поскапеа за околу девет денари, а дизелот за дури 23 денари по литар, а скапите енергенти брзо се прелеаја и во инфлацијата. Таа во април 2022 година надмина 10 проценти, а врвот беше достигнат во октомври кога достигна речиси 20 проценти.

Според Народната банка, моменталните процени за ефектите од новиот конфликт се поумерени. Вицегувернерката Ана Митреска посочува дека најверојатните сценарија предвидуваат ограничени економски последици и релативно брзо смирување на тензиите.

Подготвено од М.Д.

About Author