653478279_122129145849000749_1068880359777199480_n-1170x780

16.03.2026 Скопје

Со свеќи во рацете и со една минута молк родители, роднини, другари и пријатели ноќеска во 02:32 часот пред дискотеката „Пулс“ во Кочани им оддадоа почит на загинатите во страшниот пожар што избувна токму во истото време лани, при што загинаа 63 главно млади луѓе и над 200 беа повредени.

Светлината нека сведочи да не заборавиме. Тишината нека зборува за љубовта што останува – порачаа од Здружението „16 март 2025 Кочани“.

Викендов во Кочани беа организирани низа настани за сеќавање на загинатите, меѓу кои и велосипедска тура и кошаркарски натпревар. Пред просторот каде што се наоѓаше дискотеката денеска (недела) беа поставени 63 срца со имињата на сите загинати во пожарот.

Беше организирана и меѓународна конференција на која учествуваа 37 лекари од земјава и од странство. На панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ што се одржа во рамки на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“ зборуваа повеќе лекари кои беа директно вклучени во помошта што им се пружи на настраданите во страотната трагедија.

Општина Кочани им додели благодарници и признанија на повеќе од 30 поединци и институции кои вложија надчовечки напори при справувањето со трагедијата.

Денеска во Центарот за култура „Бели Мугри“ ќе се одржи комеморативен настан во спомен на загинатите во пожарот.

Една година по најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, Кочани и понатаму живее со сенката на пожарот во дискотеката „Пулс“. Повеќе од 60 изгубени животи и над 200 повредени оставија лузна што не избледува. И денес, градот и семејствата на жртвите ја чувствуваат тишината што остана зад нив, но и тежината на невидливата борба за вистината и правдата.

На 16 март 2025 година во трагедијата во дискотеката „Пулс“, загинаа 63 лица меѓу нив и деца, а над 200 беа повредени. Македонија беше парализирана од неверување, а Кочани се претвори во симбол на болка, загуба и недозволив пропуст. Веднаш по несреќата беше одржана вонредна седница на Општина Кочани и беше прогласена седумдневна жалост на локално, а потоа и на државно ниво.

Истражните органи утврдија дека клубот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, без дозволи и без основни противпожарни стандарди. Реконструкции се изведувале без надзор, користени биле лесно запаливи материјали, а просторот не ги исполнувал ни најелементарните стандарди за безбедност.

На критичната вечер, три пиротехнички средства биле активирани истовремено, насочени кон плафонот кој бил обложен со полиуретански сунѓер. Огнот се проширил за секунди, а задушливиот чад и паниката ги заглавиле посетителите во клубот со единствен и неадекватен излез. Мнозинството од жртвите загинале во обид да стигнат до вратата која не била стандардно евакуациско решение.

По несреќата, Обвинителството поднесе обвиненија против 34 физички и три правни лица. Сите тие се товарат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“. Првично, истрагата опфаќаше 45 физички лица (вклучително и сопственикот на објектот-магацин), но поради немање докази постапката беше запрена за 11 лица, меѓу кои и двајца поранешни министри за економија, додека еден од осомничените почина. Меѓу обвинетите се и сопственикот, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Сите, според обвинението, со дејствие или со пропуштени обврски, придонеле да се создадат опасни услови што довеле до катастрофата.

Подготвено од М.Д.

About Author