19.03.2026 Скопје
РС Македонија е рангирана меѓу најдобрите земји во светот во намалување на неонаталната смртност кај децата под 5 години, соопшти денеска министерот за здравство Азир Алиу, пренесувајќи ги резултатите од извештајот на меѓуагенциската група на Обединетите нации (ОН) за проценка на смртноста кај децата. За неполна деценија, неонаталната смртност е намалена за 87 отсто, од 8,1 на 1,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца, а смртноста кај деца под 5 години е намалена за 75%, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца.
„Нашата држава е прикажана како успешен пример на глобално ниво, како резултат на заедничките активности и координацијата на Министерството за здравство со партнерите од ОН и Светската здравствена организација (СЗО)“, кажа Алиу.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) и претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство, д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, рече дека во 2015 беше забележано значително зголемување на неонаталната смртност и тогаш биле преземени акции на национално ниво, со фокус на подобрување на мајчината и неонатална грижа.
„Прво што беше направено, беа ажурирани клиничките протоколи за мајчино и неонатално здравје, беа подобрени реанимацијата, превенцијата на инфекциите, беше инвестирано во опрема и здравствен кадар, како и подобрување на транспортот, односно соодветно упатување на ризичните пациенти во соодветната институција. Беа преземени дополнителни активности за координација на национално ниво, на тој начин што беше создаден Комитетот за безбедно мајчинство и примарни институции за ревизија на перинаталната смртност“, кажа таа.
Прв важен чекор бил преземен во 2018, кога била направена проценка на перинаталната грижа во нашата држава, со поддршка од УНФПА, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Резултатите од проценката укажале дека и покрај тоа што постои територијална покриеност за перинатална грижа, сепак системот се соочува со одредени предизвици, како недоволна пренатална грижа, координираност меѓу пренаталната, породилниот и постнаталната грижа, преоптовареност на терциерните центри, со недоволна развиеност на периферијата и несоодветен транспорт и искористување на сите можности што може да ги има низ целата држава.
Д-р Алексиоска-Папестив рече дека со цел да се евидентира каде се точно пропустите, Министерството за здравство во 2019 ја формираше Националната комисија за ревизија на перинатална смртност и беше донесена одлука секој смртен случај на новороденче да биде ревидиран, односно да се види каде е пропустот во системот, за соодветно, во зависност од тие пропусти и проблемите каде што се во системот, да се креираат политиките и понатаму да се делува во подобрување на клиничката пракса и организирање.
„Се разбира, ние нема да бидеме задоволни само со ова и понатаму предизвикот останува. Она што сакам да истакнам дека е потребно зајакнување и имплементација на мастер планот за 2030, детектирање на оние региони каде што нема соодветно одговарање за третман на дечињата, значи на перинаталната грижа, на предвремено родените, да се зајакнат“, кажа директорката на ГАК.
Подготвено од М.Д.