nafta1-696x427-1

07.03.2026 Скопје

Цените на американската сурова нафта го забележаа најголемиот неделен раст досега, поттикнати од ескалацијата на војната на Блискиот Исток, која предизвика огромни прекини во глобалните снабдувања со гориво.

Порастот на цените се случи откако американскиот претседател Доналд Трамп побара безусловно предавање на Иран, зголемувајќи ги стравувањата од продолжен конфликт што би можел да предизвика хаос на глобалните пазари на нафта и гас.

Фјучерсите (договорите за идно купување) на американската сурова нафта од Западен Тексас (WTI) пораснаа за 12,21 проценти, или 9,89 долари, и достигнаа 90,90 долари за барел. Глобалниот референтен бренд на суровата нафта од типот Брент поскапе за 8,52 проценти, или 7,28 долари, и достигнаа 92,69 долари за барел.

Американската сурова нафта поскапе за 35,63 проценти изминатата недела, што е најголем раст откако започна тргувањето со фјучерси во 1983 година. Цената на суровата нафта од типот Брент се зголеми за околу 28 проценти, што е најголем неделен раст од април 2020 година.

Војната веќе доведе до речиси целосен застој на бродскиот транспорт во Ормускиот теснец, клучната поморска рута за снабдување со енергенси. Катарскиот министер за енергетика Саад ал-Каби, во петокот изјави дека цените на суровата нафта би можеле да достигнат 150 долари за барел во наредните недели ако танкерите за нафта не можат да поминат низ теснецот.

Подготвено од М.Д.

About Author