kiro-gligorov

05.03.2026 Скопје

Декласифицирани документи од архивите на американската разузнавачка служба – ЦИА – откриваат нови детали за дипломатските притисоци со кои се соочувала РС Македонија во раните години по независноста, како и за улогата на првиот претседател на државата, Киро Глигоров.

Според извештај на ЦИА од ноември 1992 година, РС Македонија се наоѓала во исклучително чувствителна геополитичка позиција по распадот на поранешна Југославија, а Глигоров морал да балансира меѓу притисоците од Грција, ризикот од Белград и внатрешните етнички тензии во земјата.

Во извештаите на американската разузнавачка служба тој бил опишан како „мудар реформатор“ со силно чувство за стратегија и дипломатско маневрирање во сложени политички околности.

Еден од највпечатливите делови од документите се однесува на наводна понуда од грчки функционери. Според извештајот, и покрај сериозната економска криза во која се наоѓала младата држава, Глигоров одбил приватна понуда од 100 милиони долари, која била поврзана со барање РС Македонија да го смени своето име.

Претседателот наводно ја оценил оваа иницијатива како целосно неприфатлива, истакнувајќи дека државата нема да се согласи на таков услов. Тој исто така потенцирал дека Македонија веќе дала доволно гаранции дека нема територијални претензии кон соседите.

Во разговорите, според документите, Глигоров изразил и разочараност од тогашната Европска заедница, која, според неговите оценки, ја поддржувала грчката политика на блокади кон новата држава.

Документите откриваат и дека Глигоров имал резерви кон српскиот претседател Слободан Милошевиќ и неговите политички планови. Иако одржувал дипломатска комуникација со Белград, тој одбил идеи за создавање нова асоцијација со остатокот од Југославија, во која доминирала Србија.

Според проценките во документите, Глигоров го сметал Милошевиќ – заедно со хрватскиот лидер Фрањо Туѓман – за меѓу главните виновници за крвавата југословенска криза.

Во исто време, тој одржувал блиски контакти со претседателот на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, со кого координирал чекори за зачувување на суверенитетот на новите држави што произлегле од распадот на федерацијата.

ЦИА во анализите посочува и на сериозните внатрешни предизвици со кои се соочувала РС Македонија. Главниот предизвик бил одржувањето стабилност во услови на тензии меѓу албанската етничка заедница и десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Стратегијата на Глигоров се темелела на нагласување на индивидуалните права на граѓаните наместо колективни етнички права, пристап што бил прифатен од умерени албански политички лидери, иако дел од нив ја критикувале владата за недоволна чувствителност кон нивните барања.

Според документите, авторитетот на Глигоров бил клучен фактор за стабилноста на тогашната владина коалиција, во која учествувале и албански партии.

Во обид да го ограничи влијанието на радикалните политички струи, Глигоров паралелно работел на зајакнување на односите со Бугарија и Турција. Воедно барал политичка поддршка и од западните сили, меѓу кои САД, Велика Британија и Франција.

Документите содржат и делови од биографијата на македонскиот претседател, кој е опишан како искусен политичар и технократ што со децении извршувал високи финансиски и извршни функции во рамките на поранешна Југославија.

Подготвено од М.Д.

About Author