17.03.2026 Скопје
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, разговараше со Обединетите нации за идејата за ослободување на транспортот на нафта и гас преку Ормутскиот теснец, по моделот на договорот што обезбеди извоз на жито од Украина за време на војната.
Пристигнувајќи на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Калас изјави дека разговарала со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за идејата за деблокирање на теснецот, кој во моментов е затворен поради војната со Иран.
„Разговарав со Антонио Гутереш за тоа дали би било можно да се има истата иницијатива како што ја имавме со Иницијативата за Црното Море“, рече Калас.
Иран ефикасно го затвори Ормутскиот теснец, додека американско-израелската војна против Исламската република влегува во својата трета недела. Иранските сили нападнаа бродови во тесниот канал меѓу Иран и Оман, блокирајќи една петтина од светските резерви на нафта – најголемото нарушување досега.
Калас рече дека затворањето на теснецот е „навистина опасно“ за снабдувањето со енергија во Азија , но исто така претставува проблем за производството на ѓубрива.
„Ако има недостиг од ѓубрива оваа година, ќе има недостиг и од храна следната година“, предупреди таа, но не даде дополнителни детали.
Калас рече дека министрите ќе разговараат и за тоа дали е можно да се промени мандатот на малата поморска мисија на ЕУ на Блискиот Исток, „Аспидес“, која моментално се фокусира на заштита на бродовите во Црвеното Море од бунтовниците Хути во Јемен.
„Во наш интерес е да го задржиме Ормутскиот теснец отворен и затоа разговараме што можеме да направиме во овој поглед од европска страна “, објасни таа.
На прашањето за скептицизмот што го изрази германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул за тоа дали „Аспидес“ би можел да биде корисен во Ормутскиот теснец, Калас одговори: „Секако, мора да ги вклучиме и земјите-членки“.
„Ако земјите-членки кажат дека нема да преземат ништо во врска со тоа, тогаш секако тоа е нивна одлука, но треба да разговараме како ќе помогнеме Ормускиот теснец да остане отворен“, истакна таа.
Подготвено од М.Д.