13.03.2026 Скопје
СДСМ ја оцени како срамна и безобразна изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој, според нив, граѓаните и работниците кои едвај врзуваат крај со крај и не можат да го прехранат своето семејство ги нарече хистерични.
„Над 200.000 работнички семејства живеат тешко, а Мицкоски ги прави хистерични.
Со часовници од 60.000 евра, вредни колку 150 минимални плати, Мицкоски ги прави хистерични работниците затоа што бараат 600 евра плата.
Не е хистерија да се бара достоинствена плата, тоа е борба за достоинствен живот, да можат граѓаните да обезбедат пристојна живејачка, леб на масата, храна во фрижидерот, да можат да платат сметки и да школуваат своите деца. Сега, кога поскапе горивото, се очекува и зголемување на цените на храната и останатите производи. А тој дрско се однесува кон работниците и вели дека утре ќе барале 800 евра. Поради поскапувањата и тие ќе бидат малку.
Не е хистерија 600 евра плата Мицкоски, тоа е борба за живот. Авион од 100 милиони евра, мерцедеси од 650.000, очила и часовници од над 60.000 евра – тоа е хистерија.
Подготвено од М.Д.