EU_USA

14.03.2026 Скопје

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел повторно го поттикна дебатниот фронт околу европската надворешна политика. На традиционалниот прием Матиа-Мал во Хамбург, таа јавно ја застапи тезата дека ЕУ треба да ја преземе иницијативата и да воспостави директен дијалог со рускиот претседател.

Според Меркел, Европа не смее да се повлекува зад САД и да дозволи животните интереси на Стариот Континент, вклучувајќи ја и Германија, да бидат третирани како секундарни во меѓународните преговори.

Но оваа позиција не ја дели сегашниот германски канцелар Фридрих Мерц, кој е од истата партија – Христијанско-демократска унија (ЦДУ), и ја смета иницијативата дури „за опасна“!? Мерц верува дека дијалогот со Путин ќе му даде дополнителна моќ да ги наметне своите услови за завршување на војната и оти конфликтот во Украина може да се реши само преку исцрпување на една од страните.

Меркел го поставува прашањето за европската автономија, а тоа значи дека Европа мора да ја брани својата економска, енергетска и технолошка независност. Но значајно е тоа што Меркел меѓу редови имплицира дека и Русија со еден свој дел е интегрален дел на Стариот Континент. Така, според нејзиното гледиште, само преку директен дијалог со Москва и преку активно учество во решавањето на глобалните конфликти, Европа може да дејствува како глобален, единствен актер.

Идејата на Меркел не е само географско-теоретска. Таа смета дека стабилноста во енергетската политика, економијата и безбедноста географски и стратегиски е подобро обезбедена преку соработка со Русија отколку преку воена конфронтација. Европската дипломатска иницијатива, според неа, би можела да го олесни завршувањето на украинскиот конфликт, наместо да се чека само исцрпување на страните.

Мерц, од друга страна, инсистира на тоа дека Европа треба да продолжи со финансиска и воена поддршка на Украина, и без да ја отвори вратата за директни преговори со Москва. Неговата логика е дека преговорите може да ја зајакнат позицијата на Путин и да ја намалат моќта на ЕУ да поставува свои услови.

Ваквата позиција на канцеларот Мерц создава внатрешен конфликт. Имено, додека Меркел гледа на Европа како самостоен, дипломатски фактор, Мерц ја гледа како следбеник на американската стратегија, која потенцијално ја ограничува автономијата на континентот.

Идејата за директен дијалог со Русија не е само германски феномен. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, но исто така и премиерите на Австрија, Унгарија и на Словачка, ја поддржуваат можноста за дипломатски иницијативи и алатки на Европа во решавањето на конфликтот. Ова укажува дека постои растечки европски блок што смета дека стабилноста и мирот на континентот не можат да се базираат само на воени планирања и зафати или на некои финансиски стратегии (санкции, замрзнување средства за Русија и сл.).

Судирот помеѓу Меркел и Мерц ја рефлектира најголемата дилема на модерна Европа, а тоа е како да се изгради независна, дипломатски моќна Европа, која ќе може сама да ја крои својата судбина развивајќи се според своите планови и потреби, или да се остане во сенката на САД, препуштајќи ги клучните одлуки за Стариот Континент на политиките од Вашингтон. Но во ова време кога енергетската и економската стабилност стануваат сè повеќе клучни за опстанокот на европските држави, овој судир не е само политички, тој е и стратегиски и историски. И додека Меркел гледа во дијалогот со Русија како клучен за мирот, Мерц како единствена реалност ги гледа воената поддршка и исцрпувањето на Украина, а тоа ја става ЕУ на вистинска раскрсница. Патот што ќе го избере Германија, според низа аналитичари, ќе ја одреди не само иднината на Украина туку и независноста и влијанието на самиот континент.

Подготвено од М.Д.

About Author