12.03.2026 Скопје
Европските земји подготвуваат координирано ослободување на околу 400 милиони барели нафта од стратешките резерви за да го ограничат наглиот пораст на цените на енергијата и загриженоста за недостиг на снабдување поради тековната војна со Иран.
Иницијативата се дискутира во рамките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), меѓународното тело создадено по нафтената криза во 1973 година за координирање на енергетската политика и резервите на развиените економии. Доколку биде одобрено, ослободувањето на таков обем на сурова нафта би било најголемо во историјата на агенцијата , повеќе од двојно од 182 милиони барели што земјите-членки ги ослободија по руската инвазија на Украина.
Неколку водечки европски економии – Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство – веќе изразија поддршка за мерката.
Германската министерка за енергетика, Катарина Рајх, изјави дека Берлин ќе се приклучи на иницијативата:
„ИЕА побара ослободување на 400 милиони барели резерви на нафта. Ние ќе го исполниме ова барање и ќе го дадеме нашиот придонес бидејќи Германија го поддржува фундаменталниот принцип на агенцијата за меѓусебна солидарност.“
Силна поддршка за користење на стратешките резерви доаѓа и од Соединетите Американски Држави, како и од голем број азиски земји кои се особено зависни од снабдувањето со нафта од регионот на Персискиот Залив.
Прашањето ќе биде дискутирано и на виртуелен состанок на лидерите на Г7, свикан од францускиот претседател Емануел Макрон.
Цените на нафтата нагло пораснаа минатата недела, накратко надминајќи 100 долари за барел откако Иран нападна енергетска инфраструктура во Персискиот Залив како одговор на воздушните напади на САД и Израел врз ирански цели. Откако се појавија извештаи за можно ослободување на резервите, цените паднаа на околу 90 долари за барел.
Дипломатите рекоа дека европските земји ја поддржуваат одлуката „во принцип“, но сè уште не е јасно точно колкав дел од резервите ќе обезбеди секоја земја . Мерката има за цел да го стабилизира пазарот и да спречи посериозен енергетски шок за глобалната економија.
Подготвено од М.Д.