124965

07.03.2026 Скопје

Иран предупреди дека земјите членки на Европската унија што би се приклучиле на нападите на САД и на Израел врз Иран ќе бидат третирани како „легитимни цели“ за иранска одмазда. Пораката ја испрати заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт-Раванчи.

„Техеран веќе ги информираше Европејците и сите други дека треба да бидат внимателни и да не се приклучат на оваа агресивна војна против Иран. Секоја земја што ќе се приклучи на Америка и Израел во агресијата против Иран, дефинитивно ќе стане легитимна цел за Иран за одмазда“, изјави Тахт-Раванчи.

Изјавата доаѓа во момент кога во ЕУ се забележуваат различни пристапи околу кризата и растечката воена напнатост на Блискиот Исток. Според објавените информации, дел од европските држави – меѓу кои Франција, Грција и Италија – испратиле воени бродови кон регионот, додека значаен дел од високите претставници на Унијата повикуваат на деескалација, прекин на конфликтот и дипломатско решение.

Во Берлин, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија работи со партнерите на пристап што би довел до прекин на борбите со Иран, додавајќи дека неговата земја ги дели целите на САД и Израел.

Во исто време, најостра критика за американско-израелската интервенција изрази шпанскиот премиер Педро Санчез. Тој повеќепати го осуди бомбардирањето на Иран како непромислено и незаконско, а објавено е и дека забранил користење американски авиони од поморските и воздухопловните бази во јужна Шпанија за напади врз Техеран.

Изјавата на иранскиот заменик-министер дополнително ја зголемува загриженоста во Европа дека поширокото вовлекување во воени операции може да го прошири конфликтот и да отвори нови ризици – од безбедносни закани, до политички и економски последици за земјите на Унијата.

Подготвено од М.Д.

About Author