03.03.2026 Скопје
Продолжена војна меѓу Иран и неговите противници би можела да предизвика нагол раст на инфлацијата во еврозоната, предупредува главниот економист на Европската Централна Банка дека ескалацијата на конфликтот носи сериозни ризици за енергетските пазари и ценовната стабилност.
Според оценките од врвот на ЕЦБ, долготраен и поширок конфликт на Блискиот Исток би можел да предизвика силен раст на цените на нафтата и гасот, што директно би се прелеало врз инфлацијата во Европа. Најголемата закана, како што се наведува, е можен прекин или нарушување на снабдувањето преку клучните транспортни рути во регионот, особено ако тензиите доведат до ограничување на извозот на енергенси.
Европската централна банка внимателно ја следи ситуацијата, бидејќи еврозоната е силно зависна од увоз на енергија. Секое подолготрајно зголемување на цените на суровата нафта би можело да ја оттурне инфлацијата повторно нагоре, во момент кога монетарните власти се обидуваат да ја стабилизираат по периодот на силни ценовни притисоци изминатите години.
Главниот економист на ЕЦБ предупредува дека ефектите не би се ограничиле само на директните енергетски трошоци. Повисоките цени на енергијата би можеле да влијаат и врз транспортот, производството и храната, создавајќи поширок инфлаторен бран. Во таков сценарио, централната банка би можела да се соочи со потешки одлуки во однос на каматните стапки и идната монетарна политика.
Иако моменталните проекции не предвидуваат драматично сценарио, во ЕЦБ нагласуваат дека геополитичките ризици остануваат високи и дека развојот на настаните ќе биде клучен за идната динамика на цените во еврозоната.
Подготвено од М.Д.