13.03.2026 Скопје
Со дополнителни 166 милиони денари се зголемува градскиот Буџет наменети за капитални инвестиции во Скопје. Ребалансот на Буџетот е усвоен на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Со ребалансот е предвидена изградба на нов кружен тек во близина на Народната банка поради подобрување на протокот на сообраќај на една од најоптоварените сообраќајни точки во градот.
Град Скопје ќе започне и со изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Проектот предвидува околу 500 нови паркинг места и инвестиција од околу три милиони евра, со што се очекува значително да се намали долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс.
Од Градот посочуваат дека институцијата ќе биде задолжена за проектирање, изградба и управување со гаражите, со цел да се избегнат дополнителни поскапувања на паркингот за граѓаните.
Ребалансот предвидува и инвестиции во образованието, преку поставување топлотни пумпи во училиштата со што ќе се елиминира греењето на нафта, како и поставување фотоволтаици, санација на училишни дворови и нова урбана опрема.
Подготвено од М.Д.