02.03.2026 Скопје
Од вчера стапи во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички, што значи дека корисниците ќе мора дополнително да ја потврдуваат секоја трансакција.
Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата ќе се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги поседува податоците од картичката.
Целта на новата мерка е да се обезбеди поголема заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Мерката се воведува постепено во земјава и веќе се применува при онлајн-увид во платежните сметки на клиентите, како и при плаќања со платежни картички на физички продажни места или преку електронско и мобилно банкарство.
Подготвено од М.Д.