visok-krvni-pritisak-hipertenzija

03.02.2026 Скопје

Инјекции за подобра контрола на високиот крвен притисок, дадени двапати годишно, би можеле да им помогнат на пациентите со слабо контролирана хипертензија. Како дел од глобалното клиничко испитување наречено KARDIA-2, на луѓето со слабо контролиран висок крвен притисок им бил даден лек наречен “зилебесиран”. Овој лек се администрира еднаш на секои шест месеци. Првичните резултати се охрабрувачки и укажуваат дека овој лек би можел да биде од голема помош за милиони пациенти.

Светската здравствена организација проценува дека околу 1,13 до 1,5 милијарди луѓе ширум светот (околу едно од четири лица), страдаат од хипертензија (висок крвен притисок). Бројот на заболени продолжува да расте, а високиот крвен притисок често се нарекува тивок убиец бидејќи поминува без симптоми сè додека не се појават сериозни компликации.

“Зилебесиран” е експериментален лек во клинички развој и сè уште не е одобрен за поширока клиничка употреба. Лекот е користен кај 663 лица со слабо контролирана хипертензија. Овие пациенти го примиле лекот покрај нивниот постоечки третман.

Резултатите, објавени во списанието JAMA Network, сугерираат дека овие инјекции за хипертензија имаат потенцијал да им помогнат на милиони луѓе со висок крвен притисок, велат истражувачите од Универзитетот Кралицата Мери во Лондон, кои ја водеа студијата.

Учесниците во текот на студијата добиле доза на “зилебесиран” покрај нивниот вообичаен третман. Експертите велат дека “зилебесиран” го блокира производството на протеинот ангиотензиноген во црниот дроб. Блокирањето на овој протеин им помага на крвните садови да се релаксираат, со што се намалува крвниот притисок.

Хипертензијата на учесниците во студијата била подобро контролирана со инјекции кои го таргетираат ангиотензиногенот, во комбинација со стандардни лекови кои, поради некоја причина, не делувале оптимално кај овие пациенти. Лекот, кој има многу подолг ефект од терапијата што пациентите мора да ја земаат секојдневно, е важен бидејќи високиот крвен притисок е тешко да се открие и е исклучително важно да се лекува континуирано, забележуваат експертите.

Лошо контролираната хипертензија може да доведе до срцеви и мозочни удари. Обично нема симптоми и е многу честа, според Националната здравствена служба на Велика Британија.

Студијата KARDIA-2 вели дека додавањето на “зилебесиран’ во стандардната терапија покажало значително намалување на крвниот притисок во споредба со плацебо. KARDIA-3 е следната фаза од студијата. Оваа фаза ќе ги испита ефектите на “зилебесиран” кај пациенти со висок крвен притисок и претходно постоечки кардиоваскуларни заболувања, како и кај луѓе со ризик од срцеви заболувања.

Планирана е голема глобална студија за втората половина на 2026 година за да се испита како лекот влијае на ризикот од мозочен удар, срцеви заболувања и други кардиоваскуларни настани.

Водечкиот истражувач на студијата, д-р Маниш Саксена, рече дека хипертензијата е глобален здравствен проблем бидејќи стапките на контрола на крвниот притисок остануваат ниски.

„Хипертензијата е водечка причина за срцеви удари и мозочни удари. Оваа студија ја покажува ефикасноста и безбедноста на зилебесиран кога се користи со најчесто користени лекови за намалување на крвниот притисок од прва линија. Новината на оваа терапија е нејзиниот долгорочен ефект. Употребата на само една инјекција на секои шест месеци би можела да им помогне на милиони пациенти подобро да ја контролираат својата хипертензија” се надева д-р Саксена.

Подготвено од М.Д.

About Author