19.02.2026 Скопје
Мораме да ги одвикнеме трговците од неоправдано покачување на цените, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, коментирајќи ги најновите податоци на статистика, според кои цените на храната годинава се повисоки за 5,2 проценти во однос на лани.
Според неа, дојден е моментот платите да се стабилизираат за да се стабилизираат и цените. Таа ја обвини претходната влада дека со зголемувањето на платите го навикнала приватниот сектор да ги зголемува цените со образложение дека повисоките плати значат и поголема куповна моќ, што дополнително ја поттикнува инфлацијата. Министерката уверува дека проекцијата за инфлација од 3 проценти е достижна, а за тоа како точно ќе се држи под контрола – ги упати новинарите да ја прашаат Народна банка.
Од СДСМ велат дека власта имала доволно време и инструменти да го заштити стандардот на граѓаните, но наместо тоа, постојано ја префрла вината на претходната гарнитура.
„Тие ја сменија претходната Влада. Ако нејзиното тврдење е точно и намерите кон граѓаните чесни, досега можеа да пронајдат механизми за заштита на стандардот на народот . Но, вистината е дека министерката лаже и веќе стануваат не само неиздржани туку и досадни нејзините изговори и префрлање вина за нејзината неспособност на претходната Влада.“
Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфлацијата годинава да се движи под три проценти, стапка која била приближно на ниво на земјите од регионот. Најави дека ќе има априлска кошничка за ублажување на ценовните шокови. На трговците им порача дека глобалните кризи не смеат да бидат алиби за неоправдани маржи и прекумерни профити и најави засилен мониторинг за спречување евентуални злоупотреби.
Подготвено од М.Д.