mickoski-vajc

27.02.2026 Скопје

Известувачот на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, Томас Вајц, ги повика македонските власти да го искористат, како што рече, позитивниот момент во Европската унија за проширувањето и да покажат политичка волја за надминување на застојот со уставните измени.

Презентирајќи го годинешниот нацрт-извештај за напредокот на земјата пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Вајц оцени дека постои „реален прозорец на можности“ за напредок.

„Апликацијата е стара повеќе од 20 години и мислам дека е време да продолжат напред. Сакам да потенцирам дека има голем прозорец на можности во моментов за целиот регион, но особено за Република Северна Македонија да продолжи напред кон членство во ЕУ. Има зелено светло од Советот, Комисијата, тука во ЕП има огромна поддршка. Постои реален прозорец на можности и затоа се надевам дека македонските власти нема да го пропуштат“, изјави Вајц.

Тој повика на итна политичка волја за решавање на прашањето со уставните измени, оценувајќи дека реформите во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата се недоволни.

Во однос на уставните измени, Вајц истакна дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се дел од европското законодавство и од преговарачката рамка.

„Заклучоците треба да се спроведат, во Уставот да се стават малцинства што се присутни во земјата. Тоа е и во духот на она што би го нарекол успешна приказна на земјата“, рече тој.

Според него, Република Северна Македонија се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување фактички е сопрен, а во извештајот се наведува дека нема напредок во однос на уставните измени, делумно поради стравувања од нови билатерални или дополнителни барања од Бугарија.

Во расправата, бугарските европратеници порачаа дека земјата треба итно да ги спроведе преземените обврски, додавајќи дека местото на Република Северна Македонија е во Унијата, но не по секоја цена. Дел од европратениците посочија дека дел од одговорноста за долготрајниот застој лежи и во самата ЕУ.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски во интервју изјави дека актуелната позиција на земјата е резултат на политиките на претходната влада и нагласи дека Владата нема намера да прифати нови условувања без јасни гаранции.

„До позицијата во која се наоѓаме сега нè доведе политиката на претходната влада, некој мекотел го донел ‘слонот во собата’ и ние не можеме да го игнорираме“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владата внимателно ги следи сите сигнали од Брисел и работи проактивно.

„Ние мора како одговорни политичари сè што ќе слушнеме на релевантни места од релевантни луѓе да го антиципираме, да го процесираме и да креираме стратегија. Значи, ние сме проактивни, не сме реактивни. Но ќе повторам по којзнае кој пат, ние немаме намера да бидеме мекото ткиво слично на нашите претходници. Нема да бидеме политички мекотели“, рече премиерот.

Според него, доколку земјата ги исполнува своите обврски, истото треба да важи и за сите други страни.

„Ако за нас важи принципот Pacta sunt servanda, треба да важи за сите“, нагласи Мицкоски.

Тој истакна дека Република Северна Македонија е членка на НАТО, има усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека Советот на Европа го прекинал постмониторингот за земјата, што, според него, е доказ за демократска зрелост.

Во меѓувреме, нацрт-извештајот на Вајц ќе биде разгледуван од политичките групи во Европскиот парламент во наредните месеци, по што следува гласање во АФЕТ и на пленарна седница пред летната пауза.

Подготвено од М.Д.

About Author