03.02.2026 Скопје
Наскоро би можеле да имаме добри вести за завршување на речиси четиригодишната војна во Украина, изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп.
Мислам дека се справуваме многу добро со Украина и Русија. Ова е прв пат да го кажам тоа. Мислам дека можеби имаме добри вести – им рече Трамп на новинарите во Овалната соба на Белата куќа.
Белата куќа вчера соопшти дека специјалниот американски пратеник Стив Виткоф ќе присуствува на разговорите со руските и украинските делегации во Абу Даби. Трилатералните разговори меѓу Украина, САД и Русија за завршување на војната во Украина ќе се одржат на 4 и 5 февруари во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека одложувањето на втората рунда мировни преговори за Украина во Абу Даби е резултат на несогласувањата во распоредот на делегациите и дека нови разговори ќе се одржат на 4 и 5 февруари.
На претходната средба во Абу Даби од 23 до 24 јануари, фокусот на разговорите беше на прекин на војната и продолжување на мировниот процес.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во редовното видео обраќање синоќа најави дека украинската делегација замина на трилатерален состанок во Абу Даби.
Средбите ќе бидат во среда и четврток. И не само трилатералниот формат, туку и нашиот билатерален формат со Америка… Подготвени сме за безбедносни гаранции. Владините претставници работат на обновата и понатамошниот развој на Украина, нашите тимови се активно вклучени во ова – рече Зеленски.
Тој нагласи дека е исклучително важно САД решително да го поддржат дијалогот и соработката со руската страна во овој момент.
Подготвено од М.Д.