SSM 5

12.02.2026 Скопје

Сојузот на синдикати на Македонија денеска напладне ќе ја спроведе втората од трите најавени блокади, со барање минималната плата да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да пораснат за 6.000 денари. По блокадата на влезовите на Собранието во понеделникот, денешната акција е насочена кон Стопанската комора во центарот на Скопје.

Од ССМ велат дека блокадата е насочена кон работодавачите, кои, според нив, не покажуваат подготвеност за зголемување на платите, што придонесува работниците да ја напуштаат државата во потрага по подобри услови. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека синдикатот ќе протестира со законскиот минимум од 21 претставник и ги повика граѓаните да им се придружат.

Синдикатот најави дека следната недела ќе биде блокирана и Владата, а доколку барањата не бидат прифатени, можно е организирање нов протест и генерален штрајк.

Барањата за повисоки плати се поврзани со растот на трошоците за живот. Според пресметките на ССМ, синдикалната потрошувачка кошничка во јануари изнесувала 66.413 денари, односно 81.788 денари со пресметана кирија за стан од 60 квадратни метри, што претставува зголемување од околу 900 денари во однос на претходниот месец.

Од Владата засега остануваат на ставот дека договор за платите треба да постигнат синдикатите и работодавачите. Законското усогласување на минималната плата се очекува во март, кога според проценките зголемувањето би изнесувало меѓу 1.500 и 1.700 денари, кои би се исплатиле со априлската плата.

Подготвено од М.Д.

About Author