23.02.2026 Скопје
До средината на следната година треба да заврши првата фаза, која вклучува целосна анализа на тоа што е потребно да се усвои од законските прописи со цел да се отвори патот за изградба на нуклеарна централа во Србија.
Ова го соопшти српската министерка за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, по првиот состанок на Меѓуресорската експертска работна група за испитување на оправданоста на пристапот кон развој на нуклеарната енергија.
Оваа работна група, заедно со групата за подготовка и спроведување на Програмата за нуклеарна енергија ќе го формираат Националното тело за спроведување на Програмата, а неговото формирање се очекува во наредните недели.
Министерката нагласи дека развојот на нуклеарната програма е сложен и долгорочен процес што бара темелни подготовки, јасна институционална рамка и тесна соработка на неколку институции, како и дека во претходниот период 20 релевантни академски институции, министерства и научни институти потпишале Меморандум за разбирање во врска со нуклеарната енергија.
Задачата е сложена и бара координиран, хармонизиран, заеднички напор од страна на неколку институции во земјата. Меѓуресорската експертска работна група се состои од повеќе од 20 експерти од различни институции и тој број ќе се зголемува со текот на времето. Тие ќе работат фокусирано во подгрупи, во јасно дефинирани рокови, почитувајќи ги упатствата на Меѓународната агенција за атомска енергија, која на крајот ќе даде одобрение – без разлика дали сме подготвени да градиме или не, изјави министерката.
Подготвено од М.Д.