12.02.2026 Скопје
Новата Влада на Косово, предводена од Албин Курти, беше изгласана на вонредна седница на Собранието. За владата гласаа 66 пратеници, против беа 49, без воздржани. Со ова, Курти по третпат го презема мандатот како премиер. По гласањето, тој и членовите на кабинетот положија заклетва пред пратениците.
Поддршка за новиот владин состав не дадоа пратениците од Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово, Српска листа и Алијансата за иднината на Косово.
Во собраниската расправа, лидерот на ДПК, Бедри Хамза, најави дека неговата партија ќе иницира резолуција со која ќе се побара фер и непристрасен судски процес во согласност со меѓународните стандарди за обвинетите во Хаг. Тој повика на поширока политичка поддршка и учество во протестниот марш најавен за 17 февруари во знак на поддршка на поранешните лидери на ОВК.
Хамза нагласи дека неговата партија ќе придонесува за постигнување консензус околу клучни државни прашања, како изборот на претседател и ратификацијата на меѓународни договори, но воедно го критикуваше владинoто експозе, оценувајќи дека содржи бројни ветувања без јасна финансиска основа.
Претседателот на ДСК, Љумир Абдиџику, изјави дека партијата ќе делува како конструктивна опозиција, подготвена за институционална соработка по прашања од поширок државен интерес, со цел да се зачува политичката стабилност и демократската култура.
Критики кон новиот владин кабинет упати и Бесник Тахири од Алијансата за иднината на Косово, кој оцени дека владата е премногу бројна и насочена кон партиски приоритети.
Од Српска листа, Игор Симиќ порача дека нивните пратеници нема да ја поддржат владата, обвинувајќи ги претходните политики за нарушување на правата на српската заедница. Тој истакна дека во експозето на премиерот не се спомнува српската заедница и ја критикуваше одлуката Ненад Рашиќ да биде предложен за министер за заедници и враќање.
Седницата за избор на Владата се одржа веднаш по конститутивната седница на која беше потврден десеттиот состав на косовското Собрание, избран на парламентарните избори одржани на 28 декември.
Подготвено од М.Д.