17.02.2026 Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски до Јадранското Море летал со владиниот авион, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците. Ова е денешната рекација на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) откако вчера се објави дека од јуни 2024 година до декември 2025 година премиерот трипати фо користел владиниот авион. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа и дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска.
„Премиерот ужива во луксузот на грбот на народот. Дури и на Јадранското Море, на капење оди со владиниот авион. Исто како Никола Груевски, тој купуваше ‘мерцедес‘ од 600 илјади евра и носеше очила од 60 илјади евра, а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купи нов авион, за туристички прошетки“,се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, нема пари за работиниците, нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра, а се кратат 40 милиони евра за земјоделците.
„Додека Мицкоски лета, работниците тонат. Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, се борат со скапотија и ниските плати, а Мицкоски се луксузира во свет на привилегии, ароганција и расипништво. Колку ги чинело граѓаните ова луксузирање на премиерот со владиниот авион“,прашува СДСМ.
Вчера беше објавено на кои релации најмногу се користел владиниот авион, но и кои членови на Владата најмногу го користеле во периодот откако е формирана владата на премиерот Христијан Мицкоски, односно од јуни 2024 година до декември 2025 година.
Според податоците, премиерот Мицкоски владиниот авион го користел трипати. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа и дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска. Тој патувал и до Тирана. За еден лет од Скопје до Белград нема целосни податоци, пишува дека корисник е претседател на Влада, но графата за патници е празна.
Од министрите, владиниот авион најмногу го користеле министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски, а најчесто летал токму за Будимпешта. Тој го користел авионот 11 пати, од кои шест пати бил таму.
Повеќе од Николоски владиниот авион го користела само претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа летала 13 пати. Во соседството била до Тиват, Подгорица, Тирана, а имала и летови до Рим, Истанбул и Копенхаген.
Подготвено од М.Д.