SVAJCARIJA

26.02.2026 Скопје

Швајцарскиот институт за форензичка тафономија (SHIFT) започна пионерски проект за компостирање на луѓе на тајна и заштитена локација во францускиот дел од Швајцарија.

Целта е да се тестира природното биокомпостирање, или трансформацијата на телата на починатите во компост, објавува швајцарски портал.

Процесот е едноставен: телото, завиткано во памучен чаршаф, се става на слој зрел компост, а потоа се покрива со растителен материјал.

По девет месеци, телото се претвора во компост, објаснува Винсент Варлет, директор на проектот и професор по тафономија на Универзитетот во Лозана.

SHIFT има три цели – истражување на биокомпостирањето како еколошка алтернатива на погребувањето и кремирањето, подобрување на управувањето со хуманитарни катастрофи и генерирање нови податоци за форензичка медицина.

„Досега, форензиката се базираше на набљудување. Сега ќе можеме да ги следиме телата и да утврдиме зошто се распаѓаат на одреден начин“, објаснува Варлет.
Кантонот Во го поддржува проектот со повеќе од еден милион франци во текот на четири години.

Моментално има пет „кревети“ за биокомпостирање, а локацијата е заштитена од љубопитните очи и дивите животни.

Варле истакнува дека правилно имплементираното биокомпостирање не испушта непријатни мириси и не привлекува животни.

Покрај еколошкиот аспект, заклучува тој, проектот им овозможува на луѓето повторно да се поврзат со природата по смртта.

Подготвено од М.Д.

About Author