05.02.2026 Скопје
Нема веќе криење. Пензионери, студенти, ученици, невработени и корисници на социјална помош ќе можат легално да работат без да ги загубат пензијата, стипендијата или социјалните права. Со новиот Закон за работно ангажирање се воведуваат електронски процедури и јасна рамка за повремено и сезонско вработување.
Се очекува преку 17илјади луѓе да излезат од сивата зона. Досега многумина работеа преку договори или воопшто не беа пријавени, а пензионерите мораа да бираат меѓу плата и пензија. Новото законско решение воведува поедноставен модел со онлајн пријава и јасни правила за ангажман. Од Министерството за економија и труд велат дека целта е формализација на сивата економија.
Законот најпрво ги таргетира секторите со најмногу работа на црно, земјоделството, туризмот, угостителството и услугите, каде што се очекува легализација на околу 17.400 работници. Моделот носи исплата по час и придонеси за работниците, а за работодавачите поедноставени процедури и поголема флексибилност, објаснуваат од Центарот за истражување и креирање политики, кои заедно со Германско друштво за меѓународна соработка му помогнаа на Министерството во изготвувањето на законот.
Министерството за економија и труд најави кампања „Фер ангажман“ за промоција на новиот систем. Целта се повеќе формални работни места и поголема сигурност за работниците, а намерата е трајно намалување на сивата економија.
Подготвено од М.Д.