SSM 5

10.02.2026 Скопје

Сојузот на синдикати на Македонија утрово во 9 ќе го блокира пристапот до Собранието, за да не може пратениците да дојдат со возила на работа и како што велат „да поминат покрај работниците и да ги погледаат во очи“, како и да не можат да си наплатат за гориво, она што според Синдикатот, ќе биде најболната точка за народните избраници.

Ќе бидат блокирани улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“ кај зградата на Собранието.

„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањето на минималната плата (од сегашната минимална плата и новата минимална плата). Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците“, соопштија од ССМ.

Според претседателот на Собранието Африм Гаши, законодавниот дом денеска ќе работи паралелно со протестот на ССМ. Очекува протестот да помине мирно, а ќе нема дополнително обезбедување на објектот.

Нема да има специјално обезбедување на Собранието. Шефот на мојот кабинет се сретна со началниците во МВР, тие си имаат редовни безбедносни протоколи. МВР ги презема сите свои мерки. Се надевам дека се ќе биде мирно и ќе тече се како што треба. Така, тие ќе си протестираат, ние ќе си работиме, кажа Гаши вчера на брифинг со новинарите.

Подготвено од М.Д.

About Author