iran-sad

05.02.2026 Скопје

Соединетите Американски Држави ги отфрлија барањата на Иран за промена на местото и форматот на разговорите закажани за петок, што би можело да го загрози дипломатското решение и да го натера претседателот Трамп на воена опција.

Оваа информација денеска ја потврдија двајца американски претставници.

Според првичниот договор, САД и Иран требаше да се сретнат во петок во Истанбул, со учество на други земји од Блискиот Исток во улога на набљудувачи. Сепак, во вторник, иранската страна побара преговорите да се преместат во Оман и да се одржат исклучиво билатерално.

Со ова, тие сакаа да обезбедат разговорите да се фокусираат само на нуклеарните прашања, а не на други теми како што е ракетната програма, што е приоритет за САД и земјите во регионот.

Американските претставници го разгледаа барањето на Иран, но денес одлучија да го отфрлат. „Им кажавме – или вака или воопшто не. Тие одговорија: „Добро, тогаш воопшто не“, рече висок американски функционер.

Истиот функционер додаде дека САД се подготвени да се сретнат со иранските претставници оваа или следната недела, но само ако се вратат на првично договорениот формат. „Сакаме брзо да постигнеме вистински договор, во спротивно ќе се разгледаат други опции“, предупреди тој, алудирајќи на повторените закани на Трамп за воена акција. Мисијата на Иран во ОН не одговори веднаш на барањето за коментар.

Во меѓувреме, претставникот на Белата куќа Стив Виткоф и зетот и советник на Трамп, Џаред Кушнер, треба да патуваат во Катар во четврток на разговори за Иран со премиерот на земјата. Според сегашниот план, тие потоа ќе се вратат во Мајами, наместо да продолжат на состанок со иранските претставници.

Подготвено од М.Д.

About Author