Slobodan Trendafilov SSM

27.02.2026 Скопје

Притисоци врз работниците и закани кон оние што бараат достоинствени примања, според претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, станале секојдневие, особено во јавниот сектор. Тој ова го изјави, нагласувајќи дека најжестоките притисоци доаѓаат со политичка поддршка и често се спроведуваат преку структури на синдикати кои одбиле да ги поддржат протестите.

Трендафилов како пример ги посочи вработените во Пошта на Република Северна Македонија, за кои рече дека првично биле таргетирани за санкции поради учество на протест поврзан со неисплатени плати. Сепак, според него, кај работниците веќе нема страв и борбата за повисоки плати станува прашање на достоинство, а не на партиска или лична лојалност.

Во интервјуто тој порача дека никој повеќе „не му се плаши на никого“ и дека единственото што работниците го должат е на своите семејства да им обезбедат подобар живот. Трендафилов предупреди дека најави за објавување „снимки“ и дополнителни притисоци нема да ја замолчат синдикалната борба, туку, напротив, само ќе покажат дека државните ресурси се трошат за следење на оние кои сметаат дека минималната плата мора да расте.

Тој додаде дека ССМ нема да се поколеба од, како што рече, закани од владини претставници и дека синдикатот ќе остане на првата линија сè додека не се постигне целта за правично вреднување на трудот. Трендафилов истакна дека претставниците на ССМ се избрани од работниците и дека ќе продолжат со притисокот за повисока минимална плата за секој работник во државата.

Подготвено од М.Д.

About Author